Франција го прекинува прифаќањето на 3.500 бегалци од Италија


 Франција одлучи да го прекине приемот на 3.500 бегалци од Италија во знак на протест поради тоа што земјата не сака да дозволи бродот „Океан Викинг“ да се закотви на нејзиниот брег, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Тој потсети дека европскиот механизам овозможува преместување на бегалците во други европски земји и ги повика „сите други учесници (на тој механизам), особено Германија“ исто така да го прекинат планираниот прием на бегалци од Италија. 

Имиграцијата е многу чувствително прашање во двете земји, а Дарманин рече дека забраната на десничарската италијанска влада за бродот да се закотви е „неразбирлива“ и „себична“. 

Веќе со денови бродот е многу поблиску до Италија отколку до Франција. 

Франција денеска објави дека ќе дозволи невладиниот брод со повеќе од 200 мигранти спасени во Средоземното Море да се закотви во Тулон.