Франција ги забрани кратките летови на домашните линии


Француската влада ги забрани кратките летови на домашните линии каде патувањето со воз не е подолго од два и пол часа, пренесува Le Monde.

Додека земјите се обидуваат да ги намалат емисиите на јаглерод, се поттикнува електрифицираниот транспорт. Голем број земји имаат планови да забранат продажба на возила со мотори со внатрешно согорување, а владите нудат субвенции за купување електрични автомобили.

Воздушниот транспорт на долги релации е загатка што електричниот транспорт сè уште не ја решил, бидејќи сочинува 2,4 проценти од глобалните емисии на јаглерод. Ова можеби изгледа мало, но еден час лет со авион испушта 100 пати повеќе јаглерод диоксид во атмосферата отколку патувањето со автобус или воз.

Затоа, Франција повеќе од три години работи на планирање забрана за летови на кратки релации, а во 2021 година забраната стана дел од законот за климата. Сепак, владата веќе се погрижи нејзината водечка авиокомпанија Ер Франс да не се спротивстави на планот со обезбедување пакет финансиска помош за време на пандемијата на корона вирус.

Патниците повеќе не можат да летаат меѓу Париз и градови како што се Нант, Лион и Бордо, бидејќи патувањето со воз меѓу овие дестинации трае помалку од два и пол часа.

Пред да стапи на сила законот, беше обезбедено тој да содржи одредби според кои железничките услуги на овие линии треба да бидат чести и навремени, како и да се апсорбира приливот на патници кои инаку би патувале со авион. Исто така, се гарантира дека железничките услуги мора да бидат достапни за патниците кои сакаат да патуваат и да се вратат истиот ден дури и откако ќе поминат само осум часа на дестинацијата.

Новиот закон кој стапи на сила во вторникот не се однесува на летовите за поврзување.

Откако им ги „поткастрија крилјата“ на комерцијалните компании, пратениците во Франција сега бараат начини да ги намалат емисиите од приватните авиони. Некои членови на парламентот бараат целосна забрана на малите приватни летови, додека владата размислува да воведе повисока климатска такса за приватните летови од следната година.