Франција е посветена на пријателството со Македонија: амбасадорот Бомгартнер кај Џафери

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер му пренесол на премиерот Талат Џафери дека Париз е силно посветен на европската перспектива на Македонија. На денешната средба биле констатирани три децении одлични билатерални односи и пријателството меѓу двете земји, карактеризирани со високо развиен, конструктивен и партнерски политички дијалог. Во следниот период треба да се стави поголем акцент на економската и трговската соработка.
Премиерот Џафери го поздрави севкупниот и засилен француски ангажман во регионот на Западен Балкан, олицетворен преку низа иницијативи и конкретни чекори во изминатиот период насочени кон зајакната стратешка, политичка, економска и општествена соработка. Во таа насока, се заблагодари за поддршката на Франција во процесот на проширување на Европската унија со целиот регион, и Северна Македонија посебно, и ја нагласи посветеноста на Владата која ја предводи да ја продолжи започнатата динамика на патот кон ЕУ.
Бомгартнер ја нагласи силната посветеност на Франција кон европската перспектива на Северна Македонија и истакнал дека Франција ќе продолжи активно да манифестира конструктивност и поддршка на тој пат, при што се осврна и на важноста на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија, изразувајќи надеж дека идната влада и Собрание ќе продолжат активно да ја спроведуваат европската агенда, стои во соопштението од владината прес-служба.