(Фото+Видео) Невремето направи пустош во Преспа и Охридско


Силното невреме со дожд и ветер, што вчера попладне го зафати и охридското и преспанското крајбрежје, корнеше гранки и дрвја и уништуваше шатори и приколки во автокамповите во Ливадиште, Љубаништа и Свети Наум, како и во преспанското крајбрежје. За среќа, нема повредени.
Од Центарот за управување со кризи, ЦУК, информираат дека од силното невремето уништен е и автокампот Крани.
„Невреме со силен дожд и ветер го зафати селото Крани и автокампот, како и Претор и Наколец. Од невремето има паднати дрвја, бандери и во прекин е електричната енергија. Во автокампот има паднати дрвја врз камп-приколки и истите се оштетени. Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите. Нема повредени. Од невремето зафатени се и селата Долно Дупени, Сливница и Љубојно. Во село Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетена куќа и автомобил, а во село Наколец паднато дрво го препречило локалниот пат кон ова село“, информираат од Центарот за управување со кризи.
Големото невреме проследено со силен ветер, град и дожд направи пустош во целиот југозападен дел од Македонија. Преспанско-охридскиот регион беше најпогоден, а утринава фотографии пристигнуваат од сите страни кои сведочат за она што се случувало синоќа.
Туристи кои престојуваат во автокампот Љубаништа, сведочат за превртени приколки и голема материјална штета од синоќешното невреме кое направи проблеми и во автокампот Крани.
Искорнати дрвја, блокирани патишта, неколку села без струја се само дел од последиците од синоќешното невреме.
И во Крани состојбата е иста. Паднати и искорнати дрвја насекаде, а многу улици се блокирани од нив.
https://www.facebook.com/jani.bojadzi/videos/10217187270265479/