(Фоторепортажа) Едната цевка од топловодот под мостот „Беласица“ речиси готова
Денеска почна грејната сезона за корисниците на централното парно во Скопје, а веќе две недели се работи на поставување на топловодот под мостот „Беласица“, кој изгоре пред година и половина.
АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина го почнаа монтирањето на новите цевки на топловодот под мостот „Беласица“ на 30 септември годинава.
Поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона.
– Новите раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и на АД ЕСМ се соочија со предизвикот, да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот, кој се јави како последица на исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните менаџерски тимови на двете компании, изјави Петар Милетиќ, новиот директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, кој присуствуваше на почетокот на активностите на терен.
Од АД ЕСМ известуваат дека до целосната реализација на зафатот, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ – ТО.
– Со тоа и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури, велат од АД ЕСМ.
Топловодот под мостот „Беласица“ беше зафатен од пожар кој почнал во просторија за компензација на топловод, кој се прошири на термичката изолација и топловодните цевководите кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ – снабдување со топлина
Поднесена беше и кривична пријава за пожарот на мостот „Беласица”.
Речиси една година по пожарот, сообраќајот на мостот беше забранет.
Откако беше утврдено дека нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста од 02.09.2023 година мостот на булеварот „Беласица“ беше отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, во мај мостот беше целосно отворен за сообраќај.