Фотонапонската електрана во Осломеј сакаат да ја градат повеќе од 40 домашни и странски фирми

Повеќе од 40 компании од земјата, регионот и од светот учествуваа на онлајн состанокот што се одржа поради рестрикциите од ковид пандемијата како замена на планираната посета на локацијата на која треба да се градат две фотоволтаични електрани во Осломеј преку јавно-приватно партнерство (ЈПП), во кое АД ЕСМ е јавниот партнер во име на државата. Онлајн состанокот се водеше од дирекцијата на АД ЕСМ, со претставници на ЕСМ, Владата и на консултантот AF-Consult.

Како што информираат од АД ЕСМ, на потенцијалните инвеститори им беа обезбедени снимки од локациите направени со дрон, презентација од стручни лица, како и можност за поставување прашања во врска со тендерската процедура.

-Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до 28 октомври, по што ќе се пристапи кон избор на најповолен понудувач. Изградбата на електраните се очекува да почне во 2021 година. Двете фотоволтаични електрани ќе бидат со инсталирана моќност од 80-100 мегавати, ќе бидат лоцирани врз стариот исцрпен рудник за јаглен во термоелектраната Осломеј, Кичево и според договорот, приватниот партнер ќе треба да преземе 100 вработени од термоелектраната Осломеј, посочуваат од АД ЕСМ.

За јавно-приватно партнерство за изградба на фотоволтаичната електрана Осломеј, нагласуваат, заинтересирани се голем број реномирани компании, од кои дел веќе учествувале во вакви проекти во регионот и од тие причини очекуваме успешен избор на економски оператор за овој значаен проект во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија.

-АД ЕСМ ги вложува сите напори да ја продолжи реализацијата на инвестициските проекти и покрај потешкотиите на кои се наидува во услови на ограничувања наметнати од ковид кризата, и при тоа ги користи сите алатки и алтернативни мерки кои стојат на располагање и кои овозможуваат безбедност на сите вклучени во процесот, прецизираат од АД ЕСМ.