(Фото)„На точак“: Новите контејнери испречени пред велосипедистите


Новите контејнери кои се поставени на повеќе локации во градот, некои и на самите велосипедски патеки значително го отежнуваат движењето и мобилноста на велосипедистите, пешаците и инвалидизираните лица, се вели во реакцијата на граѓанската иницијатива На точак.
„Граѓаните реагираат поради недостатоците и проблемите кои произлегуваат од ваквото решение, делумно и како одговор на ситуации со загрозена безбедност на учесници во сообраќајот“.
Во дописот до Советот на град Скопје, иницијативата На точак бара одговори за тоа која ја донел одлуката за набавка на вакви контејнери и дали притоа претходно е направена проценка и елаборат за поставувањето на урбана опрема. Меѓу поставените прашања, се бара и одговор дали во тој процес е воспоставена соодветна соработка со сите засегнати страни, вклучувајќи и лица од Секторот за сообраќај, Секторот за урбанизам, СВР Скопје и други инволвирани страни што работат на проектот „Скопје Велоград“ и кои стандарди за урбанистичко планирање и уредување на просторот се користени при изборот на локации на контејнерите.

Неформалното здружение прашува дали поставувањето на овие контејнери ќе претрпи ревизија по многубројните реакции и доколку тоа не е случај, дали се побарани и одобрени изменети сообраќајни проекти за булеварите и улиците каде што се поставени контејнерите, бидејќи импровизираното моментално решение не е соодветно.
„Поставувањето на овие контејнери не е во склад со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, во кој е наведено: добрата и квалитетната инфраструктура за велосипедски сообраќај е клучна за зголемување на користењето на велосипедот. Мерките од оваа област треба да резултираат со насоки и стандарди за велосипедска инфраструктура, обезбедување на висококвалитетна, безбедна, комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа.
Проблемот со набавката на овие контејнери се покажа веднаш штом тие беа поставени на „нивните“ локации. Поради тоа што се статични, тие имаат функционална ограниченост, и мораат да се постават на локации лесно пристапни за камионите што ги празнат – што во случајов се токму главните велосипедски рути кои неодамна беа реконструирани и ослободени. Нивната поставеност сега го намалува просторот за движење и предизвикува сериозни проблеми во мобилноста на пешаците, велосипедите, лицата со ограничена мобилност и лицата со инвалидитет“, се вели во дописот на ова неформално здружение за урбан велосипедизам до градот Скопје