Борисов: Не сакам веќе да видам жена


Бојко Борисов, премиерот на Бугарија, во денешното интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ вели дека „црниот пазар за компромитирање “ и неговите противниците го наместиле пред изборите со фамозната фотографија на која спие покрај пиштол и куп пари, а за која беше објавено дека ја направила жена која спиела со него.

„Сликите од мојата спална соба се инсценирање и компромис создаден според учебник на КГБ. Олигархијата ме напаѓа затоа што Бугарија влезе во чекалната за еврото и банкарската унија и тие не може да го злоупотребуваат банкарскиот систем како и порано“, изјави бугарскиот премиер за престижниот германски весник.

Како причина за нападот против него, Борисов го посочува неговиот успех во борбата против шверцот на тутун, вреден стотици милиони евра и  ја дава како пример акцијата против нелегалната фабрика за цигари во Пловдив. Борисов го наведува како причина за незадоволството на неговите непријатели и купувањето на американските ловци „Ф-16“, како и желбата за диверзификација на снабдувањето со гас за Бугарија.

„Фотографиите од мојата спална соба се како направени од учебник на КГБ. Не случајно зборувам за методите на КГБ. Некои од моите противници кои работат за претседателот Румен Радев се поранешни тајни агенти, луѓе од овие кругови или деца на големи шпиони, офицери од руската воена разузнавачка служба“, додаде премиерот.

Од разговорот станува јасно дека според Борисов, фотографиите во неговата спална соба ги направила жена.

„Дали имам љубовен живот? Секако дека имам… Јас сум човек и ништо човечко не ми е туѓо“, вели Борисов.

Според него, кога бил посетен од жената, обезбедувањето не ја претресувало, а во чантата имало доволно простор за да собере мали златни прачки и снопови пари што биле потребни за да се направат снимките од неговата спална соба со мобилен телефон.

„По она што се случи не сакам повеќе да видам жена“, вели тој.

Ова е целото интервју на Борисов за ФАЦ:

Премиере, интервјуто со шеф на владата не треба да се однесува на неговата спална соба, бидејќи тоа не е нешто за што се грижи јавноста. Но, преку незаконски направените фотографии и видеа од вашиот дом, вашиот приватен живот стана политичко прашање дури и во странските медиуми. Тие велат дека овие слики имаат политичка позадина. Дали би биле подготвени да го објасните тоа?

Имам многу објаснувања за ова, од кои некои се дваесет години наназад. Во текот на последните десет години спроведовме многу реформи што се карактеристични само за регионот. Ова вклучува реформа на банкарскиот систем. Сега тој е толку солиден што Бугарија е вклучена во Механизмот за девизен курс II, исто така познат како предна просторија на еврозоната, а истовремено во банкарската унија, заедничкиот банкарски надзор на ЕУ.

Дури пред неколку месеци многу олигарси во Бугарија разбраа што им направив. Тие можеа да го изиграат нашиот национален банкарски надзор во минатото, но на европско ниво не можат да го сторат тоа. Нашиот банкарски систем сега е толку консолидиран што криминалните активности и пропаѓањето на банките, како што видовме по обединувањето и кога социјалистите беа на власт во Бугарија, се невозможни. Времето кога можеше да се изврши перење пари во бугарските банки заврши. Нашиот банкарски систем е целосно под контрола на Европската централна банка и Европскиот орган за банкарство.

Со други зборови, бугарските банки се толку безбедни што веќе нема потреба луѓето да држат купчиња пари и златни шипки во ноќниот шкаф, како што може да се види на фотографиите од вашата спална соба?

Бугарските банки сега се толку стабилни и внимателно следени што повеќе нема да биде потребно да се спасуваат со парите на даночните обврзници. Ние, исто така, се изборивме со шверцот на тутун, со што му нанесовме штета од стотици милиони евра на организираниот криминал на Балканот. Само што откривме нелегална фабрика за производство на цигари „марлборо“ во едно село во близина на Пловдив. Исто така, презедовме мерки против нелегалното производство на горива, алкохол и други производи. Како резултат, стотици милиони евра приход се изгубени за нелегалните структури. Истото важи и за деловните обложувалници, кои ги национализиравме затоа што државниот буџет изгуби многу пари како резултат на затајување данок во оваа област. Никој не би помислил во минатото дека тоа ќе биде можно во Бугарија, бидејќи тоа е спротивно на интересите на моќните структури во Бугарија.

Значи, велите дека имате многу непријатели што сакате да ги компромитирате, како на пример со фотографии од вашите приватни соби?

Зошто брзаш толку? Ќе го додадам и ова. Важно е да донесеме одлука за купување американски борбени авиони „Ф-16“ за 1,3 милијарди УСД за да ги замениме старите советски МИГ-ови. Ние веќе им ја плативме целата сума, така што идната влада не може да го поништи овој договор. Нашите воздушни сили сега се компатибилни со стандардите на НАТО и, за прв пат, можат да учествуваат во надзор на воздушниот простор заедно со соседните земји, што не беше можно до сега. Мојата влада исто така зададе многу удари затоа што го диверзифицираме снабдувањето со природен гас. Сега имаме 20 отсто удел во грчкиот терминал за течен природен гас во Александропулис, кој во моментов е во фаза на изградба. Ова ќе ни овозможи да увезуваме дополнителен течен природен гас од САД, од Катар и од каде и да е. Значи, веќе нема еднострана зависност од Русија во снабдувањето со гас.

Покрај тоа, веќе прогласивме шестмина руски воени разузнавачки лица, маскирани во дипломати, за персона нон грата и ги протеравме од земјата. И, тогаш, се појавија  фотографиите: циекулирачки слики од мојата спална соба направени според учебник на КГБ, во кој се советува како да се уништи некое лице земајќи ги познатите вистини за него и инструментализирајќи ги за свои цели.

И, што мислите, кој ги организираше овие снимки?

За да се разбере ова, важно е пред сè да се знае дека мојата партија Граѓани за европски развој, или накратко ГЕРБ, победуваше на сите избори со години. Минатата година победивме и на европските и на локалните избори, а институтите за анкетирање, без оглед на нивната политичка припадност, продолжуваат да нè гледаат како најсилна политичка сила во земјата. Па, како може да се запре лице како мене или популарна партија како мојата? Учебникот на КГБ вели дека мора да се создаде „компромат“, т.е. компромитирачки материјал на таков начин што лицето што ќе биде погодено ќе се згади од себе кога ќе го види материјалот. Овој план е подготвуван со години и сите мои реформи само ги зголемија моите непријатели уште повеќе.

И така, пред две-три години, најверојатно во 2017 година, ме фотографираа како спијам. Некој успеа да ми ја отвори вратата во спалната соба и да ја направи оваа фотографија. Но, може да се види само како спијам. Ова сè уште го нема предвидениот ефект за сторителите. Требаше да има нешто што ги згрози луѓето. Така, тие ми ставија златни шипки, снопови пари и пиштол во орманот покрај мојата постела, а потоа го фотографираа овој аранжман.

Без оглед на заднината, нели е потребно да се загрижите што во држава членка на ЕУ и НАТО шефот на владата може да се шпионира во кревет?

Фотографијата е направена во владината вила каде што живеам. Јас сум разведен долго време и живеам сам. Дали имам љубовен живот? Секако дека имам. Ако луѓето ги интересира можам да го кажам тоа: јас сум човек со човечки потреби.

Никогаш не би ве прашал за тоа…

А, како може да бидеш тивок. Работата е во тоа што никогаш сите овие години, кога ме посетуваше дама, чуварите не ги пребаруваа и проверуваа нивните чанти.

Зарем не е тоа неверојатно непромислено?

Веројатно беше несовесно. Веројатно затоа сторителите имаа лесна задача. Убава дама лесно може да ја надигра мојата одбрана. Така, моите непријатели го прошверцуваа златото и сноповите пари во мојата куќа. Ме фотографираа кога спиев и во друг момент го фотографираа мојот шкаф покрај креветот, со пари и злато. Има видео запис што ги разоткрива сторителите: може да видите како некој поминува низ мојата куќа. Прикажана е бањата, соблекувалната и конечно мојата спална соба. Постојат неколку шкафови, но лицето кое го снимало видеото оди намерно кон ноќниот ормар и извлекува фиока, каде што потоа може да се видат пари и златни шипки.

Значи, вие велите жена со која сте имале врска се прошверцувала во вашата куќа?

Погледнете ја дамскава торба. Има доволно простор за транспорт на помали златни шипки и пакети пари. И тогаш дамата ми се јавува и ми вели: „Дали доаѓаш? Те чекам“. И јас ѝ велам: „Чекај, сè уште сум на интервју, ќе бидам таму за 15 минути“. Стражарот има упатства да ја пушти во мојата куќа, а таа знае дека има 15 минути во кои е непопречена таму. Потоа ми става пари и злато во фиоката, излегува, почнува да снима на нејзиниот мобилен телефон и се враќа во мојата спална соба. Како Мата Хари.

Дали продолжуваат да ве посетуваат дами со непроверени чанти?

Не сакам веќе да видам жена. Видете, јас сум успешен политичар, но мојот приватен живот е неуспешен. Работам 20 часа на ден, целото мое време е исполнето со работа, додека непријателите се обидуваат да ми прикачат скандали. Што сѐ не се случи: Се тврди дека поседувам куќа во Барселона, имот во Лос Анџелес или на грчки остров, каде што, наводно, дури и сум убил манекенка. Ако луѓето погледнат подетално, никогаш не останува ништо од овие обвинувања. Важно е да се знае дека во Бугарија веќе подолго време постои црн пазар за компромитации.

Сигурен сум дека сте добро верзирани за овој пазар

Да, го познавам овој пазар. Не е прв пат некој да шири компромитирачки работи за мене. Пред сите избори моите противници се обидуваат да ме компромитираат со измислени приказни. И покрај сè, морам да им се восхитувам на сторителите во овој случај за тоа колку фино го изведоа ова. Не зборувам случајно за методите на КГБ. Некои од моите противници кои работат за претседателот Румен Радев се поранешни тајни агенти, луѓе од опкружувањето или деца на големи шпиони и офицери на руската воена разузнавачка служба. И, основно правило на ваквите услуги е дека ако вашиот целен објект се смета за искрен, мора да создадете спротивен впечаток. Ако некој е познат како чесен полицаец, претставете го како корумпиран. Ако живее скромно, покажете го со пари и злато, со чоканчиња и пијалаци. И, ако ги погледнете фотографиите и видеото од мојата куќа, ќе признаете: живеам во скромни услови. Речиси како во касарна. Покрај тоа, на кратко во видеото можете да видите дека има сеф во просторијата пред мојата спална соба. Цврсто е монтиран таму, уште од старо време. Па, ако некој собирал пари и злато дома, дали навистина би ги ставил во фиоката покрај креветот а не во сефот?

Премиере, ви благодарам што сте подготвени да разговарате за злобните слики. Но, дозволете и прашања во врска со надворешната слика за вашата влада. Во неодамнешната резолуција за владеењето на правото во Бугарија, Европскиот парламент изрази загриженост за злоупотребата на средствата на ЕУ во вашата земја.

Бидејќи во Европскиот парламент нашите политички противници и нивните политички групи се погрижија да се каже вакво нешто за нас. Членовите на Европската народна партија гласаа против. Оние институции во Брисел што се занимаваат со ова, не политички, туку професионално и објективно, како што се Комисијата и властите, не најдоа грешки во користењето на средствата.

Во резолуцијата на Европскиот парламент се споменува и „систематското одбивање“ од Бугарија да ги почитува основните вредности на ЕУ и европските договори. Дали е ова само пропаганда од вашите противници?

Да, тоа е. Постои извештај од Европската комисија кој е објективен. Направен е од најдобрите експерти во Европа. Откако ни беа дадени препораките, ние ги применуваме.

Романската Агенција за борба против корупција, под водство на нејзината поранешна шефица Лаура Ковеси, издејствува десетици пресуди против моќни обвинети, па дури и го стави некогаш најмоќниот човек на земјата зад решетки. Во Бугарија нема една единствена споредена пресуда. Ова води до  два заклучока: или Романија е крајно корумпирана земја, а Бугарија е модел за уставна држава – или едноставно нема борба против корупцијата во Бугарија, како во Романија.

Ковеси заврши работа што сите ја цениме, па затоа е именувана и за европски обвинител со изразена поддршка од Бугарија. Но, и во Бугарија сега има многу истраги, вклучително и против министри или нивни заменици, против заменици, градоначалници и разни олигарси.

Истраги – а затворени процедури?

На министерот за животна средина му беше одреден тримесечен притвор. Неговото судење ќе започне наскоро. Вие на Запад секогаш велите дека правосудниот систем мора да биде независен. Ние исто така го велиме  тоа. Па, каков инструмент треба да користам, како шеф на владата, за да обезбедам повеќе судења и пресуди?

Да погледнеме на ова економски: постои, на пример, случајот „Осум џуџиња“ именуван по ресторан „Софиот“ и добро документиран. Во овој ресторан, кој бил место за контакт за „преговорите“, имотот на сопственик на бугарска компанија, меѓу другите, бил ограбен од страна на корумпираното судство. Доколку една средна германска компанија дознае за ваквите настани, ова може да се сфати само како предупредување за инвестиции во Бугарија.

За среќа, германските инвестиции во Бугарија се развиваат многу добро. Само во таканаречениот автомобилски кластер има повеќе од 250 фабрики. Соработката меѓу бугарските институции и Германската стопанска комора функционираат многу добро. Не мислам дека во моментов има единствен проблем со германските инвеститори во Бугарија. Меѓутоа, ако некој се впушти во криминал, не можам да го коментирам, бидејќи не знам ништо за тоа. Но, знам дека има инвеститори кои, по отворањето на првата фабрика во Бугарија изградија и втора, трета, четврта и петта. Затоа што беа многу среќни.

Всушност, германските компании не се жалат првенствено на судството, туку на растечкиот недостиг на работна сила. Но, постои и опасност да бидат убиени од корумпирано судство во Бугарија.

Погрешно. Во Бугарија ваквите случаи ќе бидат јавно објавени веднаш. Ако има специфични случаи, веднаш сум подготвен да се справам со нив.

Случајот со „Осум џуџиња“ е конкретен и многу добро документиран.

Како шеф на владата, работам со стопанските комори и секогаш сум подготвен да се сретнам со германски инвеститори доколку нешто е соодветно. Криминални работи се случуваат во секоја земја-членка на ЕУ. Ова е случај за полицијата и истражителите.

Се разбира, насекаде има корупција. Прашањето е што се прави во врска со тоа.

Апсења, истраги, во зависност од тоа што се бара. Секој случај оди пред јавното обвинителство, кое потоа треба да истражи.

Ова лето во Бугарија имаше бран протести против вашата влада. Тие велат дека зад нив стои олигархот Василиј Бошков, кој побегна во Дубаи. Зарем не е навреда илјадници луѓе на улиците да ги преставуваат далечински управувани инструменти на олигарх во егзил?

Самиот олигарх рече дека тој стои зад нив, не јас. Ова го докажуваат снимките од неговите телефонски разговори. Тој вели дека ги насочува демонстрантите. Овие разговори биле пресретнати законски, по наредба на јавен обвинител. Затоа, искрените и спонтани демонстранти со текот на времето во голема мера се повлекоа од протестите.

Јас секогаш зборував со почит кон демонстрантите. Во сите овие години откако сум премиер секогаш сум се среќавал со демонстранти, без разлика дали тие биле наставници, лекари, болнички персонал, превозници или синдикати. Отсекогаш наоѓавме решение. И ова лето, повторував и повторувам дека имам почит кон демонстрантите, бидејќи правото на демонстрации е дел од демократијата. Но, овие луѓе немаат друго барање освен моја оставка, иако парламентарни избори ќе има веќе следниот март. Тогаш одлуката ќе биде донесена.