Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш: Милчо Манчевски пред изложбата во МСУ


Лејла Сабит

„Во книгата и на изложбата имаме фотографии сликани по цел свет – 88 слики од Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас… и сите тие се некаде таму – не само географски, туку и визуелно, сите тие се на друго место, не се дел од нас, ги гледаме од надвор како набљудувач со насмевка. Таму не е тука и затоа е и убаво и страшно“, вели за „Независен“ Милчо Манчевски, нашиот најнаградуван режисер , пред утрешната изложба на фотографии и промоција на книга од изложбата „Таму“ во Музејот на современа уметност во Скопје. На гала-настанот кој го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“ се очекуваат бројни гости од политичкиот и културниот живот на земјата како на секоја негова филмска премиера.

Иако студира Историја на уметноста и археологија на УКИМ во Скопје, Манчевски како американски стипендист во 1982 година дипломира на факултетот за филм и фотографија во Карбондејл, Илиноис.

Додека деновиве во Тирана и во Софија го промовира последниот филм „Врба“ нашиот славен режисер ни одговори и која е магијата на фотографијата, зошто фотографии од улица, а не од монденско место и дали сака да се фотографира и да го фотографираат  него.

Вие сте филмски режисер, би можеле да бидете и писател ама се одлучивте за фотографија. Што ве привлече кон фотографијата?

Ме привлече тоа што е инстантна, спонтана и експлозивна. Прегратката на приказната и ликовното скаменети во вечен миг. Ме привлече и тоа што фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш. Работиш по интуиција, а интуицијата е поблиска до уметничкото создавање од планирањето. Друга работа што ме привлече е тоа што кај фотографија не мораш да имаш приказна, а во филм (освен ако не е во прашање експериментален филм) мораш да имаш приказна, роб си на наративното.

 

Има ли разлика меѓу снимање филм и фотографирање?

Огромна. Реков дека сликаш со затворена уста, често пати и самиот не знаеш точно што сликаш. Од друга страна, кога правиш филм им објаснуваш на сите – од финансиери и продуценти, до глумци и камермани и монтажери и композитори, па на крај и на критичари. Мобилноста на уметничката фотографија во споредба со филмот е жива благодет.

Што е за вас добра фотографија?

Фотографија што сакам да ја гледам повторно и повторно, слика што ме радува поради сликата сама, а не поради содржината.

 

Зошто фотографии од улица, а не од монденско место ?

Монденското место е лицемерно и здодевно; улицата е полна живот, радост и трагедија.

 

Која е бојата што ги дефинира вашите фотографии? 

Сите бои. Ќе видите на изложбата и во книгата – сите ги има.

 

Приказните што ни ги раскажувате преку филмовите секогаш се фокусирани на луѓето, без разлика кои се и од каде доаѓаат, дали се ангели или ѓаволи. И на вашите фотографии, луѓето се во фокусот.  Кои моменти од човечката природа сакавте да го „уловите“ со објективот?

Не бирам кои моменти – ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга и да ги артикулирам визуелно. Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот.

 

Со каква опрема фотографирате? Дали е и тоа пресудно за успешна фотографија?

Мислам дека нема врска со што сликате, важно е да имате око, мозок, срце, а не голем апарат. Често пати се зборува до бесвест за технички перформанси кога нема што да се каже за она то е пред објективот. Јас сликам со обичен „Сони“ дигитален идиот. Единствена отстапка на техниките перформанси е тоа што сликам и во JPEG и во ARW (RAW) формат. Инаку, никогаш не ги сечам моите фотографии, ниту користам филтри или фотошоп во пост-продукцијата. Работам минимални колор корекции. Она што го гледате на слика, тоа било и на улицата. Затоа и ги пласирав хештаговите #nocropnophotoshop и #никропнифотошоп.

 

Како гледате на селфито ? Како реалност или нужно зло?

Нарцизам.

 

Дали вие лично сакате да се фотографирате и да ве фотографираат?

Не сакам ни најмалку, ама го прифаќам како дел од професионалните обврски. Повеќе сакам да си сликам молкум и да уживам во уловеното.