(Фотогалерија) Адреналинска трка во Скопје


На терените на парк-шумата Гази Баба се одржа адреналинска трка организирана од ОЦР-Скопје. Настанот претставува спортско-рекреативно натпреварување во кое учесниците треба пеш да совладаат 10 километри низ шумска патека исполнета со пешадиски пречки, кои ќе треба да ги совладаат како контролни точки.

Пешадиските пречки претставуваат баланс-греда, качување по јаже, прескокнување преку дрвен ѕид, носење товар (вреќи наполнети со песок во оптимална тежина) на одредено растојание, ползење по кал, фрлање копје, совладување стрмен терен и слични други пречки изработени од дрво и од метал, како и природни пречки што се наоѓаат на теренот, потоци, вирови и слично.

Од „ОЦР Скопје“ велат дека во зависност од темпото на трчање, секоја пречка носи своја тежина.

-Сите пречки се совладливи, но потребни се сила и техника, која ние како организација сметаме дека секој наш учесник ја има. Пречките се невидливи за учесниците до самиот почеток – посочуваат оттаму.

Најтешкиот аспект за организација на една ваква трка се финансиските средства, кои тешко се собираат по пат на неуморна потрага по спонзори и поддржувачи. На Оваа трка поддржувач е првата приватна општа болница „Ре-медика“. 

Трката е наменета за сите физички добро подготвени луѓе, без исклучоци.

Фото:Борис Грданоски