(Фото) Заврши Моден Викенд Скопје: Спортски гламур и емоции на крајот од јубилејното издание


Со ревија на  македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева, синоќа заврши дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување, кое изминатите три дена се одржуваше во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на монументалниот објект во метрополата.

Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, први на третиот ден од Моден Викенд Скопје докажаа студентите од Академијата за Моден Дизајн во склоп на „Џолев и уметностите” и „Сеавус Едукативен и Развоен центар”, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.

Идеологијата која ги врзува „Attitude “на Елена Маџирова, „Back to the roots ” на Ангела Доневска, „Memory of a town “ на Мирјана Јосифоска, „Vanity ” на Ана Марија Атанасовска и „Рефлексија“ на Марија Стојановска е општествената одговорност. Тргнувајќи од грижа за околината во која живееме и работиме, до создавање производи водејќи грижа за ефективно учество во социјалниот, еколошкиот, умствениот, како и економскиот напредок на нашето окружување.

Наталија Терзија премиерно ја промовираше линијата за sport-glam облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата се состои од  петнаесет безвременски изгледи, кои се создадени за непрекинато движење, како есенција на животот. Во целиот концепт на оваа модна линија, таа развива поттик за виталност и здрава свест низ урбана димензија, кршејќи ги бариерите во однос на телесните облици и наметнатите општествени стандарди.

Како претпоследна учесничка на настанот, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ја прикажа  Сара Реџиќ. „Romantic fall“ е името на колекцијата со која во нејзин препознатлив стил, дизајнерката сака да ја разубави претстојната сезона. На модната писта излезе со дваесет и пет креации изработени од безвременски материјали, давајќи им повторна шанса да светнат во полн блесок и сиот раскош што го носат во себе. Бидејќи е голема вљубеничка во рачната изработка, ниту овојпат не изостанаа карактеристичните рачно изработени  детали.

Со колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“ официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание. Дизајнерката со креациите испрати порака дека да се сакаш себеси е една од најмоќните и највистинските емоции во животот. Пред и после секоја одржана ревија, повторно можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот „Moonage“ од Албанија кои ги воодушевија гостите на 20.Моден викенд.

Десетта година по ред, градот пулсираше во ритамот на Моден Викенд Скопје, благодарение на мноштвото покровители и пријатели на настанот.

Фото: AD Photography

Поп-ѕвездата Елена Ристевска