(Фото) Вработени во Министерството за култура протестираат пред Министерството за финансии


 

Вработени во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм, излегоа денес на протест пред зградата на Министерството за финанси од каде што побараа зголемување на платите. Тие велат дека нивните месечни примања се недостоинствени.

 

Како што посочуваат од синдикалната организација, во Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство, платите на речиси 70 отсто од вработените се под просечната плата во земјава, а разликата со платите на вработените на истите позиции во установите од областа на културата е и по 10.000 денари. Од таму информираат дека станува збор за околу 200 луѓе кои се засегнати.

 

Вработените во овие три институции бараат покачување на платите по примерот на вработените во Министерството за финансии, кои со Закон се зголемија за 30 проценти.

 

„Бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Одоговорноста на вработените од Финансии е огромна, но да потсетиме дека Министерството за култура ја сервисира работата на 70 национални и 49 локални институции од областа на културата. Бараме сериозен пристап – државата не може за едни да биде мајка, а за други маќеа“, посочија од Синдикалната организација.