(Фото) Во Загреб почна традиционалниот Адвент: Колбаси, греано вино и многу забава


ЗАГРЕБ – Ниту обилниот дожд, ниту снегот во саботата вечерта и студеното време, не ги спречи жителите на Загреб и овој декември да го одбележат почетокот на традиционалниот Адвент, предбожикниот саем на отворено кој од година в година привлекува се повеќе посетители.

Адвентот во Загреб е вклучен меѓу најдобрите Божикни саеми во Европа, според многу рангирања кои ги објавуваат медиумите, особено оние специјализирани за патувања.

Манифестацијата во Загреб службено започна на 2 декември и ќе трае до 7 јануари идната година.

 

Посетителите го очекува богата гастро понуда, со традиционалните сендвичи со колбаси или пак со кремвиршли (хот-дог), како и греано (варено) вино, но и многу други производи, како сарми и домашни специјалитети. Исто така, на штандовите, односно дрвените куќички можат да се најдат и многу други производи, од пијалоци, колачи, занаетчиски ракотворби, новогодишни украси, празнична облека и тн.

Ваквата понуда, како и одржувањето на саемот на повеќе локации во градот, заедно со богатата културно забавна програма придонесоа Загреб да биде речиси редовно вклучуван во препораките „задолжително да се посети“.

Адвентот во Загреб почна со палење на првата адвентска свеќа. И покрај силниот дожд, традицијата не изостана и оваа година. Потоа, градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ го отвори и лизгалиштетото и ги запали светилките во потегот од Железничката станица кон централниот градски плоштад. Тоа се главните локации на кои посетителите добро се забавуваат, а покрај тоа забавата за најмладите е лоцирана на Цветниот плоштад. И околните улици се во знакот на празникот.

Една од најголемите атракции е Ледениот парк, всушност лизгалише кое освен централниот дел има и кружна патека по која се лизгаат многумина, а најмногу се радуваат децата.

Во саботата на отворањето врнеше силен дожд кој потоа вечерта премина во снег давајќи му на целиот настан вистински Божикен амбиент.

И покрај студеното време, Адвентот во Загреб е масовно посетен, не само од жителите на Загреб и од другите места во Хрватска, туку и од многу туристи од странство, како од соседните земји и од земјите во регионот, така и од подалечните дестинации во Азија.

Заради божикната манифестација, сообраќајот во центарот на Загреб има посебен режим, некои од улиците се забранети за моторни возила со цел на учесниците и на посетителите да им се овозможи максомална безбедност.

Што се однесува до цените, и самите жители на Загреб велат дека Адвентот никогаш не бил поскап. Така на пример, вареното вино може да се добие во хартиени чаши по цена од 3,20 до 3,50 евра, а сендвичите со колбаси се од пет до седум евра, зависно од видот на колбасот и прилозите, додека популарните фритули што се нудат како локален специјалитет и наликуват на грчките локумадес чинат околу четири- пет евра.

Инаку, Адвент доаѓа од латинскиот збор адвентус, што значи доаѓање во христијанскиот црковен календар, но претежно е поврзан со католичката црква.

Станува збор за периодот на подготовки за прослава на раѓањето на Исус Христос, на Божик, но исто така и подготовка за неговото Второ доаѓање, според објаснувањето во енциклопедијата Британика. Ваквиот начин на одбележување на празникот почнал уште во 5 век, и се одржал се до денеска. (М.Ј.)