(Фото) Во синиот воз на Тито: Моден викенд Скопје ги урива родовите бариери


Синиот воз на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито беше луксуз на тркала, кој, ние граѓаните, го следевме од ТВ, и замислувавме како изгледа додека се патува низ светот.

Сега музејска реликвија, стационирана на Перон 1 на Железничката станица во Скопје е нем сведок на едно убаво време кога бевме земја, почитувана во светот, со почитуван претседател, и кога живеевме по европски стандарди.

Синоќа, 29 години од распаѓањето на Југославија, ја имавме ретката и ексклузивна прилика, во рамките на Моден викенд Скопје, да седнеме во купето на единствениот вагон од синиот воз во Македонија ,кој со годините доби конотација како да се возите во фамозниот „Ориент-експрес“ во филмовите за Херкул Поаро на Агата Кристи.

На модното патување низ минатото, со ракија и вино, и песните за Тито, не однесе македонската дизајнерка со лондонска адреса Теодора Митровска. Креациите инспирирани од времето на стара Југославија, со нови текстилни техники и неконвенционални материјали, носталгично оживеаја низ сценското шоу во синиот воз на Тито. Колекцијата беше машка, со тенденција да ги урне родовите бариери.

Брендот со нејзин потпис е препознатлив по константните обиди да ги инкорпорира елементите од нашата култура, концептот за работничката класа, односно естетиката на униформите.

Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина, а цели да создаде андрогини неземски војници на модерното доба. Си поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.

Вагонот во Скопје, инаку, не е толку луксузен колку што очекувате, и се состои од четири спални соби, кујна, тоалет и конференциска сала. Во добра состојба е и во возна состојба, иако го чека мало дотерување.

Македонската железница, како што ни објасни љубезниот вработен, има намера вагонот наскоро да го отвори за јавноста.

Л. Сабит