(Фото/Видео) Поплави во делови од Хрватска, сообраќајот во прекин поради излевање на морето


Невреме придружено со силен дожд и ветер утрово погоди делови на Хрватска, јавија локалните медиуми.

„Глас на Истра“ пишува дека на брегот на Пула пливаат автомобили, морето е на работ да се излее, а на една улица паднало дрво на коловозот.

Сообраќајот се одвива доста отежнато, а видливоста е намалена, па се препорачува максимална внимателност.

 

„Истраин“ пренесува дека високото ниво на морето го поплавило центарот на Ровињ и дека проблеми има и во Порече. Велат дека во Ровињ морето го поплавило градскиот плоштад и брегот. Поради оваа причина, сообраќајот на брегот на Ровињ е забранет за сите возила.

Вода навлегла и во некои кафулиња и ресторани, но како соопшти командирот на ЈВП Ровињ, Евилијан Гашпиќ, сè уште не добиле повици за помош за можно испумпување.

Сообраќајот на државниот пат ДЦ75 Новиград-Пореч кај Антенал е во прекин поради вода на коловозот.

Утринава поплавени се и улиците на Риека, јави Индекс.