(Фото) Вевчанскиот карневал во духот на традицијата – маските критички одраз кон стварноста


(Фото: Б. Грданоски)

Вевчани и годинава не отстапи од традицијата на 13 јануари да пулсира во знакот на карневалот кој има долга 15-вековна историја. Учесниците на познатиот Вевчански карневал и овој пат за своите маски беа инспирирани од актуелните случувања во нашата земја, но и во странство. Василичарите ги покажаа своите креации упатувајќи се кон излезот на селото, од каде треба да почне дефилето.

Вевчанскиот карневал упорно задржува основната карактеристика да биде манифестација која преку маските ја критикува општествената стварност, како и работите кои оставиле белег во изминатата година.

(Фото: Б. Грданоски)

„Ако видите грубост, пораката е да не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е да не бидете вулгарни, едноставно како на филмска лента ви поминува она што за граѓаните е негативно практивувана власт. Секој што ќе го гледа карневалот може да си рече ‘зарем навистина ваква сме биле’ и за наредната година да може да се корегира“, вели градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

Фото: Б. Грданоски

Карневалот и годинава привлече многубројни гости и посетители од целата земја и од странство, кои со нетрпение очекуваат да ги видат Василичарите и нивните пораки.

Фото: Б. Грданоски

Во Вевчани се присутни бројни странски медиуми, а меѓу нив и фотографот Герен Смит од Амстердам. Вели за карневалот, како што пишува „Охрид њус“, дознал преку фотографии, а е воодушевен од гостопримството.

(Фото: Б. Грданоски)

Маските на Василичарите, се сметаат како коректор на негативното во општеството. Организирани во две групи, Долна и Горна маала и годинава на сатиричен начин ја отсликаат годината што измина. Низ годините на тапет биле видни имиња од претседатели на држави, премиери, пратеници…, но за содржината на маските не се лутеле, иако пред две години дипломатски скандал предизвика палењето на бугарското знаме, а имало реакции и за маски во кои учествувале живи или усмртени животни.

Фото: Б. Грданоски

Преку маските вевчанци испраќаат и пораки за годината да биде бериќетна, да има среќа, здравје. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.

Фото: Б. Грданоски

На 14 јануари, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски