(Фото) Темниот облак од пожарот во Трубарево надвисна над Владата


(Фото: Независен.мк)

Темниот облак од пожарот во Трубарево се рашири над главниот град Скопје. Ветерот го насочи кон запад, па облакот се надвисна и над зградата на Владата. Миризбата на изгорено се чувствува насекаде, велат скопјани. Засега нема официјални информации за тоа што гори, и дали облакот со себе носи опасни материи.

Од Шанса за Центар преку Фејсбук статус предупредија дека компанијата каде што избил пожарот била овластена за собирање литиум јонски батерии кои што се користат во хибридните и електричните возила.

(Фото: Независен.мк)
(Фото: Независен.мк)

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информираа дека ја следат состојбата со пожарот во скопската населба Трубарево, општина Гази Баба. На терен во моментов е директорот на ЦУК Мухамед Али. 

(Фото: Независен.мк)
(Фото: Независен.мк)

-Во текот на денот, во 13:38 часот, преку единствениот број за итни повици 112 беше пријавен пожар во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. Веднаш воспоставив координација со Центарот за управување со кризи и ги информирав надлежните служби за состојбата на терен, добивајќи насоки за понатамошни дејствија, наведува Али.

 

Од страна на операторот ЕВН било побарано итно исклучување на електричната енергија со цел да се овозможи безбедно гаснење на пожарот, вклучително и со употреба на воздухопловни средства.

– На терен се ангажирани шест противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, со повеќе од десет пожарникари, како и неколку специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнително, во гаснењето учествуваат еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, еден хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, како и еден Ер Трактор на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен се испратени и екипи на итната медицинска помош, информира Али.