(Фото) Свечености по повод Денот на полицијата – 7 Мај


Денеска во Струмица, Струга, Велес, Крива Паланка и Крушево започнаа свечените активности по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција. Под мотото „МВР за граѓаните“, се одржаа свечености на кои присуствуваше раководството на МВР на различни локации во државата, но со заедничка цел – полицијата да биде заедно со граѓаните, да се демонстрира партнерството коешто беше започнато во 2017 година и кое во континуитет се унапредува.

Министерот Оливер Спасовски беше почесен гостин на дружењето на граѓаните и полицијата во Струмица, заменик министерот на МВР Назим Буши беше во Струга, државната секретарка Магдалена Несторовска во Велес, директорот на БЈБ Сашо Тасевски присуствуваше на свеченоста во Крива Паланка, а заменик директорот на БЈБ Ариф Асани, на Гумење во Крушево.

„Целта е нашите граѓани одблиску да се запознаат со работењето на полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема, со сето она што значи индикатор на успех на нашиот план за континуирано материјално-техничко опремување и унапредување на капацитетите на полицијата”, изјави министерот Спасовски.

Министерот Спасовски информираше и за активностите кои Министерството ги има проектирано за периодот што следи, како што е дополнителното покачување на платата за 5% за сите вработени во МВР започнувајќи од месец септември годинава, како и продолжување на активностите за создавањето подобри услови за работа преку реновирање на објектите на ОВР Берово, ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, а преку капитални инвестиции во текот на 2022 во тек е реконструкција на два витални објекта – Одделението за управни работи во Скопје и Центарот за обука во Идризово, како и една целосно нова градба – полициска станица во Аеродром.

На сите пет локации низ државата присутните имаа можност да се запознаат одблиску со високите стандарди на опремата со која располага Министерството, вклучувајќи и дел од специјалните возила и хеликоптерите на полицијата. Припадниците на Единицата за брзо распоредување ја искористија можноста пред граѓаните да прикажат боречки вештини и техники за самоодбрана, а припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар”, поточно од специјализираниот алпинистички тим, пред присутните покажаа вештини за алпинистичко спуштање.