(Фото) Славеничка модна торта во Скопје: Моден викенд за сечиј вкус


Многубројната дотерана публика синоќа вкуси од славеничката модна торта на 20.Моден викенд во Скопје, му посака уште многу успешни сезони, ѝ понатаму да се дружиме на ревии, да си ја промовираме гардеробата, да видиме и да бидеме видени и да ги поддржиме домашните и странските дизајнери, но и спонзори.

Целиот амбиент одлично осмислен во Музејот на град Скопје, беше во славенички дух, со расположен тим, одлични ревии, со хитови во живо во изведба на Јон Бела и бендот „Moonage“ , се наздравуваше со вино, виски, ракија, но и со вода.

Под слоганот „Десет години заедно – приказната продолжува“, Моден викенд Скопје ќе навлезе во втората декада од своето постоење.

Што видовме на стартот, синоќа, на програмата?

Ирина Тошева како рекордерка по учества на модниот настан, ја претстави новата зимска колеција „REM“, преку која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација. Според неа, потпирањето на секвенци од соништата и потсвесните мисли, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот.

Доследна на оригиналниот пристап за презентација на парчињата, нејзиниот избор овојпат падна на модел(к)и налик на дрег кралици, во соработка со шминкерот Небојша Пешевски, Schuster, La Dama и D’eyeko. Ревијата е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2019-та година од Министерството за култура.

Како втора следуваше Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чијашто модна визија за есен-зима ‘19/’20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, нудејќи им отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.

Под сјајот на рефлекторите и блицoт на фоторепортерите, блесна и колекцијата на SIGMA Jewelry , брендот за луксузен накит и префинети модни поп- ѕвездата Викторија Лоба, која е нивно заштитно лице и повеќегодишна соработничка. Третите по ред учесници на настанот, навистина ги импресионираа присутните, демонстрирајќи ги најновите модели од богатата палета на аксесоари.

А, дека крајот го краси делото, потврди модниот филм и перформансот „+7 HOURS“, во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното.

Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии. (Л.С.)

Фото: Борис Грданоски

 

Публиката диктира трендови

 

Скопјани сакаат да се дотеруваат, да се буткаат за прв ред покрај писта, да се забавуваат на хитови на 80-тите, да пијат кафе, вода, вино и виски, за време на ревиите и на паузите, да се сликаат селфи и да се фалат дека синоќа биле на Моден викенд во Скопје.

Одржувањето  на модниот настан во убавите сали на Музејот на град Скопје , кое вклучува и задолжителен сеир и дружење, не релаксира од политизираното секојдневие околу нас.

Во публиката имаше и познати дами, и убавици од помладата генерација, блогерки и инфлуенсерки од Обединети Арапски Емирати, кои безбедно и комфорно слетаа во нашата метропола, благодарение на авио-компанијата Qatar Airways.