(Фото) Швајцарија донираше девет машини за општините во Полог за справување со поплави


Швајцарската влада преку Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион на општините во Полог им донира механизација вредна 30 милиони денари за справување и заштита од поплави. Обезбедени се девет повеќенаменски багери за чистење на реки и речни корита, чистење снег во зимскиот период, за сите девет општини кои припаѓаат на Полошкиот регион.

Донацијата е дел од мерките за поддршка на овие општини во унапредувањето на системот за подготвеност, рано предупредување и заштита од поплави и други катастрофи по примерот на најдобрите меѓународни практики.

-Не можеме да ги спречиме катастрофите, но можеме да се подготвиме што подобро за да ги минимизираме штетите. Оваа механизација ќе ни помогне да обезбедиме подобри и поефикасни услуги за нашите граѓани, изјави Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари  посочи дека како општина го препознаваат потенцијалот на модерниот пристап во справувањето со поплавите и другите катастрофи.

-Оваа механизација е продолжување на нашите напори за зајакнување на капацитетите во заштитата од поплави и други катастрофи, изјави Таравари.

Целта на Програмата за подобрување на отпорноста на Полошкиот регион кон поплавите, вредна околу 10 милиони долари, финансирана од Швајцарската влада, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации, е воведување систем за интегрирано управување со поплавите и други ризици (свлечишта, одрони, порои) согласно современите светски искуства. За постигнување на оваа цел, првпат во земјава е формирана мрежа од девет општини кои заеднички работат на мерки и активности за намалување на штетите од поплавите, како и на преземање превентивни метки за намалување на ризиците од поплави.