(ФОТО) Шумски пожар на вториот крак на Халкидики


Во централниот дел на Ситонија, на вториот крак на Халкидики, попладнево изби шумски пожар, во кој интервенираат 23 пожарникари со 11 возила и два авиони, jави дописничката на МИА од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на информации од противпожарна служба објави дека не се во опасност населени места, а гори борова шума.

Командирот на противпожарната служба на Халкидики е оптимист дека набргу пожарот ќе биде ставен под контрола.

-Потребна беше помош од два канадери, бидејќи жариштето е во непрооден дел. Оптимисти сме дека брзо ќе биде целосно ставен под контрола, вели командирот на противпожарна служба на Халкидики, Димитрис Карасавидис за информативниот портал „Халкидики њуз“.

Градоначалникот на Ситонија, Кипарисис Деплас, говорејќи за порталот на весникот „Етнос“, вели дека во исто време на мала оддалеченост избиле два пожари и изрази сомнеж дека е подметнат.