(Фото-репортажа) Скопје се пржи на 43 степени Целзиусови! За денеска најавен пороен дожд
Деновиве во Скопје температурата на воздухот достигнува рекорди. На некои дисплеи, покажува и 43 степени Целзиусови.
Граѓаните спас бараат во фонтаните, а се полни и шишенце плус, додека се шета по усвитените скопски улици или додека да се заврши некоја работа.
Еден пие вода, а другиот жедно ја чека својата минута, да му дојде ред, вода да се напие.
Скопската жега не престанува со денови, а за денеска е најавено разладување со пороен дожд. Но, дали ќе лие секаде или само понекаде, останува да видиме.
И денеска се очекува температурите да се искачат рекордно, па водата во шишињата ќе нѝ се стоплува по два чекора.
Сепак, животот продолжува. Уличките на старата скопска чаршија се полни луѓе. Трговците се надеваат на продажба, која долго време е во застој поради корона кризата, долгите полициски часови и карантини.
Се нуди и свеж сладолед во повеќе вкусови. Ваше е само да одберете со што ќе се засладите.
Во сенките низ уличките може и да се починете, да проверите што има ново на мобилниот телефон или да читате книга.
Камениот мост го поминуваат илјадници луѓе, кој тргнат по работа, кој за да стигне дома.
Секако, тука е и превкусната студена лимонада, со љубов направена и по старински послужена.
Ако лани лето многу не видовме, ова лето го покажа сиот свој раскош на улиците на главниот град.
Сепак, внимавајте! УВ индексот е висок. Ако не морате, не излегувајте надвор од 10 до 17 часот, како што препорачуваат лекарите. Ако сепак излезете, понесете течности, особено вода, облечете светла облека, а главата заштитете ја со шешир.
УХМР најави дека УВ-индексот ќе изнесува 9.
Во Скопје, претпладне сончево и многу топло. Преку денот со слаб до умерен северен ветер. Попладне ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд и грмежи проследени со засилен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 19, а дневната ќе достигне до 38 степени.(Н.В.)