(Фото) Редици пред маркетите, редари пред поголемите дуќани


Некаде со извидници, некаде со полиција или со војска, денеска пред маркетите се воспоставуваше ред за да не дојде до ширење на вирусот корона.

На два метри меѓу нив, со маски, ракавици граѓаните се обидуваа да ги набават потребните намирници пред почетокот на најдолгата изолација која ни следи од 16 часот денеска, до 5 часот наутро во вторник.

Нервозата не изостана, па се кажуваше кој е на ред. Имаше такви што  пред месарница дошле само да прашаат нешто. Но, од другите кои чекаа беа опоменати да чекаат на ред, па нека е и само за прашање.

Сепак, ретко кој се откажуваше од чекање ред, иако за да влезат во продавница им требаше повеќе од половина час.

„На вчерашната седница на Владата беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија со која се поставува ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало, продавници, самопослуги, маркети, пекари и за време на траење на вонредната состојба . Според Уредбата сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши.

Според Уредбата, како што потенцираше министерот , трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

„Секако, доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, потенцираше министерот и апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.(Б.Б.)