(Фото) Работен викенд за раководствата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ

Членови на раководствата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ го поминуваат работно и на терен овој ден – владејачката партија во рамки на кампањата „Маалски средби со граѓаните“, а опозицијата во делот на штотуку почнатиот проект „Разговори за обнова на Македонија“.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, поранешен министер за земјоделство, беше во Ресен, каде што со други членови на партиското раководство се приклучи кон традиционалниот јаболкобер.

-Тука сме заеднички и симболично да помогнеме на јаболкарите од овој регион, така како што и во претходниот период континуирано поддржувавме и носевме мерки и политики коишто носат развој на оваа значајна гранка и за овој регион и за целата наша земја. Уште од првата година од мандатот за 10% ги зголемивме субвенциите по хектар. Ги зголемивме субвенциите на развојната категорија на овоштари, вклучително на сите и од овој регион. Во континуитет носевме интервентни мерки во секој еден момент кога тоа беше потребно – изјави Николовски.
Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, пак, беше на средби во општина Петровец, затоа што, како што рече, влегуваат во завршна фаза подготовките на партиската програма за следните предвремени парламентарни избори.

-Традиција е партијата досегашните програми, во изминатите 20 години, да ги подготвувала во соработка со граѓаните.
Сведоци сме на тоа дека владата на Зоран Заев, предводена од СДСМ и ДУИ, вети многу, а не реализира речиси ништо. Ја прогласија 2019 година сосема на крајот за економска, а не гледаме никаков напредок.Досега фокусот беше ставен единствено само на промена на името и договор со Бугарија. А, гледаме кои се да речеме резултатите од тоа, речиси и да не ги гледаме – рече Славески.