(Фото) Протест на ВМРО-ДПМНЕ – се бара оставка од премиерот Заев


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и вечерва излезе на протести во Скопје, блокирајќи го сообраќајот пред Владата, како и пред министерствата за правда и за надворешни работи.

Под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“, учесниците на протестот ја обвинија Владата за распродавање на државата и за загрозување на националниот идентитет.

Претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов на протестот пред Министерство за правда порача дека не треба да молчат младите на распродавањето на националните интереси кое што се случува од страна на
Владата. Младите не треба да дозволат да оваа држава остане без историја, јазик и
идентитет.

Тони Михајловски укажа дека е сега моментот кога треба да се заборават ситните интереси и да си подадеме рака без разлика на идеологиите, филозофиите, јазикот кој го зборуваме и да застанеме во одбрана на јазикот и држава.

Стефан Андоновски, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред Министерство за надворешни работи посочи дека Владо Бучковски, Зоран Заев, Бујар Османи сакаат да преговараат за работи за кои не се преговара.

„Време е за оставка, оставка за срамот, за лагите кои ни ги носеа дека имаме датум за преговори со ЕУ, оставка зошто рекоа дека нема да има декларација или дополнителен договор со Бугарија, а го донесоа, оставка затоа што преговараа македонскиот јазик да биде со фуснота. Основа затоа што донесоа национален срам на македонскиот народ, а не донесоа ЕУ“, потенцира Андоновски.

Пратеничката Рашела Мизрахи порача дека граѓаните треба да се спротивстават на Зоран Заев и неговите лоши политики и анационализам.

„Политиките на Заев водат до губење на идентитет, јазик и историја. Ако тоа се изгуби се губи Македонија“, рече таа.
Љупчо Димовски на протестот пред Владата порача дека пред Македонија има пред сериозен долгогодишен проблем кој оваа влада ниту знае како, ниту умее да го реши.„Културата, јазикот не може да се предмет на преговори. Предавството на Македонија, на се македонско за сопствени интереси, можат да го направат само Заев и само
неговиот Димитров. Сега и специјалниот претставник Бучковски“, рече Димовски.
Според него бугарските барања не се намалуваат, а Заев пак се обидува да ни
наметне нешто неприфатливо, не тера на неприфатливи отстапки.
Димовски посочи дека за вакво прашање никој не може да одлучува сам, за вакво
прашање мора да има консензус.

(Фото: Б. Грданоски)