(ФОТО) Премиера на „Авантурите на Том Соер“: Стриповска и вестерн комедија за деца


„Кое дете не мечтае да биде херој како оние од книгите, филмовите, цртаните сериите? Кое дете не сака макар на ден да порасне во очите на тие околу него и да го добие нивното признание?“
Режисерот Деан Дамјановски вака ја започнува својата режисерска експликација за најновата претстава која ја поставува во Театарот за деца и младинци. Станува збор за „Авантурите на Том Соер“ од Марк Твен, а драматизација на Горјан Милошевски.

Премиерното прикажување ќе биде утре, 15 мај,  со почеток во 19 часот.

– Освен што ова е детска претстава по тема и по израз, жанровски може да ја сместиме помеѓу комедија и фарса. Начинот на игра е многу блиску до немото кино, со многу физичка комуникација. Појдовните точки беа оние црно-бели краткометражни филмови, како на пример, „Палавковците“. Се провејува една вестерн или каубојска нишка во претставата бидејќи дејствието е во втората половина на 19 век. Тоа се забележува особено во музиката, но не само во мелосот туку и во инструментите бидејќи се користи бенџо, виолина и слично. А тоа ѝ дава посебен шмек на претставата – вели режисерот Дамјановски.

Во однос на визуелизацијата на претставата, режисерот Дамјановски вели дека ќе има стриповска естетика. Бидејќи претставата е детска, а во текстот постои убиство кое е важно за заплетот на приказната, Дамјановски вели дека тоа го решиле на начин на кој децата ќе може да го гледаат.

– Тој момент е важен за заплетот на целото дејствие, немаше како да се избегне. Деликатно е кога се работи со деца, но најдовме еден агол во жанровските рамки на претставата за тоа да не се осети како трауматичен момент. Со самиот факт што претставата изобилува со физичка динамика, успеавме да ги решиме сите посериозни ситуации кои Марк Твен ги разработува во романот. Најдовме начин како да ја скратиме дистанцата меѓу темата и младата публика – вели Дамјановски.

Главната улога или Том Соер ќе ја толкува актерот Бојан Кирковски.

– Повторно направивме добра претстава која ќе биде гледлива за децата. Стриповското решение на претставата ми се допаѓа како модерно прикажување, како и модерен стил на актерска игра. Претставата ќе нè потсети колку едно дете може да биде храбро и колку може да направи во светот – вели Кирковски.

Хаклбери Фин го толкува актерот Мики Анчевски и тој вели дека е добро што во театарот ќе се игра претстава која може да им претстави херои на децата.
– По некое непишано правило, во светската драматургија за деца има повеќе херои кои се женски главни ликови, односно хероини. Моето чувство е дека потешко се наоѓа лик или текст каде што главната улога ќе ја има момче и со тоа да ги привлечеме момчињата да доаѓаат и да гледаат театарски претстави. Во оваа претстава има баланс и мислам дека за сите деца и женски и машки ќе биде подеднакво забавна – вели Анчевски.

Драматургот Горјан Милошевски вели дека оваа приказна е важна за децата бидејќи ликовите како Том Соер и Хаклбери Фин, покрај тоа што се палави, тие во себе носат голема човечност.

–  Не значи дека само мирните и воспитаните деца со манири, се добри деца. Тој стереотип е погрешен. Иако Том и Хак и двајца не се вброени меѓу примерните деца во нив постои голема хуманост – вели Милошевски.

Сценографија е изработена од Филип Коруновски, костимографија е на Елена Вангеловска, а музиката од Горан Трифуновски-Пајак.

Останатите улоги во претставата ги толкуваат Мики Анчевски (Хаклбери Фин), Драган Довлев (Марк Твен/Судијата Тачер), Емра Куртишова (Беки Тачер), Мартин Јорданоски (Вајлд Вајлд Џо), Ненад Митевски (Маф Потер), Винета Дамческа (Тетка Поли), Симона Спировска (Сид/Обвинителот), Наташа Петровиќ (Еми Лоренс/Шерифот), Јанг Марија Ѓорѓијовска (Бен Роџерс/Џеремаја/Дух).

Ивана Настеска