(Фото) Повторно редици и тензии пред банките


Се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти кои ги посетуваат банките е поголем

Луѓе во долги редици пред банките, но и пред продавниците, мобилните оператори… беше сликата и денес во повеќе градови во земјава, на еден ден пред стапување во сила на новите построги мерки што ги објави Владата. Некои од граѓаните чекаа и повеќе од еден час за да влезат во банките, што често беше повод за многу тензични ситуации. На повеќе места не се почитуваа ниту препораките да се држи растојание и така луѓето се изложуваа на ризик од корона вирусот.

Фотографиите што ги направи нашиот фоторепортер Борис Грданоски ја отсликуваат атмосферата пред повеќе експозитури во главниот град.

Граѓаните негодуваа зошто мора да чекаат. Некои од нив забележуваа дека банките не се организирани соодветно, други пак, велат дека ова е резултат на повеќе затворени експозитури и на намалениот број шалтери кои што работат.

На социјалните мрежи има многу коментари на сметка на надлежните институции, во прв ред на полицијата која се повикува да стави ред пред банките, но и на сметка на банките заради режимот на работа.

Пред десетина дена причина за зголемениот број граѓани кои чекаа пред банките беше исплатата на пензиите, а денес е исплатата на социјалната помош. Станува збор за категории граѓани кои се најранливи, па нешто секако треба да се преземе за да не дојде до несакани последици, велат некои од оние кои чекаа во долгите редици.

Банкарите се правдаат дека намалениот број на шалтери и експозитури е поради тоа што мора да имаат доволно вработени во секоја ситуација. Исто така, и дека некои од граѓаните кои иако имаат картички, не ги користат за подигање готовина од банкоматите, туку парите ги подигнуваат од шалтерите. Истото се однесува и за плаќање на сметките. Од друга страна, граѓаните во редиците велат дека не се снаоѓаат со плаќањето сметки по електронски пат и дека вака се чувствуваат посигурни дека сметката им е платена.

Очигледно, навиките тешко се менуваат, а и времето да се заврши некоја работа е многу помало, особено за повозрасните граѓани.

Слична слика беше и пред маркетите иако таму неровозата беше помала. Од утре, како што е познато, возрасните граѓани над 65 години ќе може да излезат од дома од 10 до 12 часот на пладне, а младите до 18 години од 12 до 14 часот. Полицискиот час ќе почнува во 16 часот. Во деновите на викендот во сила ќе биде целосна забрана за движење.

(Фото: Борис Грданоски)