(ФОТО) По опсадата, универзитетот во Хонг Конг делува непрепознатливо


По четири дена опсада на Политехничкиот универзитет во Хонг Конг, кампусот изгледа како после „луда забава“.

Четиридневната опсада на хонгконшкиот Политехнички универзитет се ближи кон крајот, иако десетина демонстранти и понатаму се внатре.

Околу 800-900 демонстранти го напуштија кампусот, а стотина од нив се помлади од 18 години, соопшти полицијата, а пренесува Би-би-си.

Полицијата постави кордон околу капусот со цел да ги спречи демонстрантите да побегнат.

Од неделата, кога полицијата го обиколи кампусот, уапсени се повеќе од 1.000 луѓе, а над стотина повредени побарале лекарска помош, истакнаа властите.

Хонг Конг влезе во шестиот месец од масовните протести, кои започнаа поради плановите – подоцна замрзнати – кои би овозможиле екстрадиција на лица од Хонг Конг во копнена Кина. Меѓутоа, тие сега се проширија така што одразуваат пошироки барања за демократски реформи.