Фото: Падна дрво во Дебар Маало, повреди дете и оштети возило
Во скопската населба Дебар Маало, во близина на основното училиште „Коле Неделковски”, вчеравечер паднало дрво и лесно повредило дете и оштетило паркиран автомобил.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека детето минало со гребаници и без тешки повреди.
Тој информира дека дрвото изгледало здраво, но дека имало исушени корени, нешто слично како и дрвото кое пред неколку дена падна на улица „Орце Николов”.
„Вчера, во непосредна близина на влезот на ООУ „Коле Неделковски“, падна уште едно дрво. При извршениот првичен увид, дрвото е паднато поради исушените корени, исто како дрвото кое падна пред некој ден на улицата „Орце Николов“. Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ и службите од Општина Центар го отстранија паднатото дрво кое оштети едно возило. Дрвото, како што се гледа на сликите, има зелени лисја, здраво стебло, но нарушен коренов систем поради кој што може да падне и без посилен ветер“, додава Богдановиќ.