(Фото) Обвинителството во Грција се сомнева дека пожарите се организирано подметнати – наредена е итна истрага


Среде се повеќе шпекулации, но и се повеќе индикации за подметнување пожар, државниот обвинител нареди истрага за да се утврди дали има организиран план за предизвикување пожар што сега опустошува и уништува низ цела Грција.

Во таа смисла, обвинителот на Врховниот суд, Василиос Плиотас, испрати барање до највисоките судски инстанци и полицијата, пренесува порталот Екатимерини.

„Прекумерниот број пожари со невообичаен интензитет и размер што се случија во последните денови предизвика непроценлива штета врз животната средина, особено шумските ресурси на Грција, зградите и другите објекти, земјоделско земјиште, посеви и туристичка инфраструктура, загрозувајќи ги дури и животите на нашите најблиски. “Елементите предизвикуваат разумно сомневање дека ова е намерна активност на организиран криминал во подметнување пожари, а не само обична, случајна појава, инциденти предизвикани од несовесно однесување”, напиша обвинителот Василиос Плиотас.

Мицотакис се извини за грешките во гаснењето на пожарот

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини за грешките направени во гаснењето на разорните пожари што ја зафатија Грција во текот на минатата недела. Мицотакис синоќа вети дека грешките ќе бидат утврдени и исправени, но тој повика на единство. „Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои видоа како им горат куќите или имотот“, рече тој и додаде: „сите пропусти ќе бидат утврдени, како и одговорноста“. Тој вети дека уништените шуми ќе бидат обновени, дека ќе се изгради климатска одбрана и дека ќе се надомести штетата на оние чиј имот е уништен во пожарите. „Климатската криза тропа на вратата на целата планета“, истакна Мицотакис. Тој, исто така, одобри пакет помош од 500 милиони евра за Евија и регионот Атика околу Атина.

 Пожарите беснеат веќе девет дена  

Пожарите во Грција траат веќе девет дена, каде се изгорени повеќе од 93.000 хектари шума.

Ситуацијата со пожарите на северот од грчкиот остров Евија е сеуште тешка и во моментов се води борба за да се спречи пожарот да стигне до градовите Едипсос и Истмус. Огнената стихија во Камтриадес сега е под контрола, но пожарот, помогнат од ветрот, стигнува до селото Галатсадес, пренесува агенцијата АНА.

Пожарникарите се на патот што ги поврзува Каматриадес со Камарија и се обидуваат да го изгаснат пожарниот елемент со цел да спречат пожарот да стигне до селото Кастаниотис.

Другиот фронт е во близина на селата Геракиу, Авгарија и Галатсона, каде повторно појавување на пожари води до мали фронтови кои се претвораат во нов пожарен фронт што е голем проблем за противпожарната бригада.

Исто така, има големи проблеми со напојувањето, бидејќи мрежата е многу оштетена и повеќето села немаат струја и вода.

Грција е трета земја во Европа, по Турција и Италија, според вкупниот број изгорени површини, со неверојатен пораст од 336 проценти, во споредба со просекот помеѓу 2002 и 2020 година.