(Фото) Новите цени на бензините ги „окупираа“ бензинските станици

Возачите побрза да ги наполнат резервоарите на возилата и на таков начин да заштедат барем некој денар. За резервоар од 50 литри, заштедата е околу 450 денари, што не е малку


Новите цени на нафтените деривати, повисоки за 7,96 отсто, кои попладнево ги објави Регулаторната комисија за енергетика, создадоа редици пред бензинските пуумпи.

Возачите побрза да ги наполнат резервоарите на возилата и на таков начин да заштедат барем некој денар, макар и еднократно, бидејќи веќе наредното полнење ќе биде по нови  цени на горивата.

А, новите цени на бензините се значајно повисоки  – така цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 9,00 денари за литар, додека на безоловниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 9,50 денари за литар.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 9,00 денари за литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8,50 денари за литар.

Тоа значи дека за резервоар од 50 литри, заштедата е околу 450 денари, што не е малку.

Инаку, како што образложија од РКЕ, ваквото драстично зголемување на цените на дериватите се должи на престанување на важењето на владините мерки, односно од вечерва на полноќ истекува времетраењето на намалената акциза и данокот на додадена вредност за соодветните нафтени деривати.

„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и курсот на денарот во однос на доларот, се наведува во соопштението, во денешната пресметка (31.05.2022) се исти со претходната пресметка од 30.05.2022, односно во денешната пресметка извршена е промена само на акцизите и данокот на додадена вредност, дефинирани со прописите за акцизи и данокот на додадена вредност“, соопштија од РКЕ.

Од утре се очекува нов ценовен удар, со оглед што покрај бензините, веројатно ќе поскапат и други производи бидејќи на полноќ завршува важноста на дел од владиниот сет од 26-те антикризни мерки  кои беа донесени да се спречат ценовни шокови. 

Основните прехранбени производи од 1 утре повторно ќе се продаваат со ДДВ, а ќе се укине и  замрзната маржа за трговците, па најавите се дека ќе поскапи маслото за јадење, месото, јајцата, но и млекото и млечните прозиводи, шеќерот, оризот, брашното, лебот… 

(Фото: Независен.мк)