(Фото) Нови уреди ќе го мерат квалитетот на воздухот во Скопје, ќе се откриваат поединечните загадувачи


На две локации во Скопје, односно во Карпош и Лисиче, денеска се поставени уреди кои ќе собираат примероци за квалитетот на воздухот 24 часа на ден во текот на секое деноноќие во наредните 12 месеци. Со анализа на овие податоци попрецизно ќе се откријат поединечните извори на загадување на воздухот во градот.
Ова означува почеток на теренските истражувања во рамки на Студијата за пропорционирање на загадувачите, а како дел од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, финансиран од Владата на Шведска, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Собраните примероци од уредите поставени во Карпош – урбана област и Лисиче – област со индустрија, сообраќај и резиденцијална зона, кои ќе земаат агрегирани 24 часовни примероци на ситните фракции на честички ПМ 2,5 ќе бидат анализирани со користење на референтни методи и строги аналитички протоколи и врз основа на тоа ќе бидат изработени модели кои овозможуваат поврзување на измерената маса на поедини загадувачки материи на дадена локација, со групи на извори на загадување.
Студијата треба да обезбеди информации за поединечните извори на загадување на воздухот во агломерацијата Скопје, како и придонесот на поединечните извори, индустрија, согорување на биомаса, сообраќај, управување со отпад, итн. во вкупното загадување на избраните репрезентативни локации, а кои треба да бидат основа за креирање на ефикасни и реални политики за контрола на загадувањето.
Сите предвидени активности ќе бидат во целост извршени согласно „Референтниот прирачник за пропорционирање на изворите на загадување и изработка на рецепторни модели“, издаден од Заедничкиот Истражувачки Центар на Европската комисија, а финалните резултати ќе бидат објавени кон крајот на 2021 година.
Како дел од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, во финална фаза е и оценувањето и изборот на околу 100 домаќинства во Лисиче, кои ќе бидат поддржани со грантови до 10.000 американски долари по домаќинство за унапредување на енергетската ефикасност на домовите. Тоа предвидува замена на начинот на греење, замена на прозорци, врати, фасади и покриви и други мерки со цел да се зголеми нивото на енергетска ефикасност и да се намали загадувањето во овој дел од Скопје.