(ФОТО) Нови фотографии од Нотр Дам направени од воздух, отворен конкурс за архитекти


Два дена по пожарот во катедралата Нотр Дам во Париз, француските власти планираат меѓународен конкурс за архитекти кои ќе работат на реконструкција на зданието.

Во меѓувреме се објавени нови фотографии од Нотр Дам од воздух, кои ја прикажуваат штетата која е нанесена врз славната катедрала.

За градежните стручњаци тоа ќе биде голем предизвик бидејќи претседателот Емануел Макрон вети дека обновата ќе трае пет години.

Во француската јавност веќе се појавуваат полемики за национално единство, бидејќи некои истакнуваат дека француските милијардери и големите компании кои се подготвени да донираат речиси милијарда евра за Нотр Дам, се помалку чувствителни кон решавањето на социјалната криза.

Француските медиуми јавуваат дека во Елисејската палата во текот на денот треба да биде одржан состанок на претставниците на црквата, надлежните органи и стручњаците.

Во меѓувреме, власта работи на обезбедување на зачуваната конструкција на зданието, со цел пожарникарите и претставниците на Министерството за култура да можат безбедно да влезат и да ги изнесат вредните уметнички дела од катедралата.

Премиерот Едуар Филип кој најави меѓународен конкурс за архитекти рече дека се уште треба да се утврди дали треба повторно да се изгради столбот од 93 метри кој беше срушен во пожарот.