(Фото) Ноември во Градскиот парк


Фото: Б. Грданоски

Есента е вистинско време за љубителите на природата, особено ако времето е сончево како изминатите денови.

Тоа го покажуваат и фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски од Градскиот парк во Скопје, каде што граѓаните и вчера уживаа во еден од последните убави денови, пред најавеното заладување на времето.

Фото: Б. Грданоски

Според прогнозата на синоптичарите времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе дува умеран, а вдолж Повардарието и засилен северен ветер. Во текот на ноќта облачноста од север ќе се зголемува, а ветерот дополнително ќе засили.

Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.

Во Скопје се очекува сончево време со мала облачност, а попладне со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне 12 степени.

Веќе од утре се најавува влошување на времето – под влијание на продор на студена воздушна маса ќе дува силен северен ветер, а на планините на северот ќе има услови за провејување на слаб снег. Дневната температура осетно ќе се намали. Од недела продолжува стабилното време со значително пониски утрински температури, кои во поголем дел од земјава ќе се спуштаат под -5 степени.

(Фото: Б. Грданоски)