(Фото) Невестите се најубави жени: Гламур на Саемот на венчаници во Скопје


Невестите се најубави жени. Дојдете на Саемот на венчаници во Скопје и ќе се уверите. Синоќа, на отварањето на јубилејниот 10. викенд на невести во елитниот хотел „Александар палас“ вриеше од убавина, гламур, парфем, свечена атмосфера, раскошни тоалети и фустани во бело, балони, шампањско и чоколадни десерти.

Големата сала беше претесна да ги прими сите гости и идни двојки кои ја имаа ретката можност да поразговараат со нашите славни дизајнери за најважниот ден на една двојка и нивното семејство.Посетителите ги дочекуваше домаќинот Ефтим Гаштов од интернет магазинот „Vo belo.mk“, кој задоволно парадираше меѓу учесниците кои со нетрпение ја чекаа ексклузивната ревија на која дефилираат македонски славни личности, облечени во венчаници и костуми направени од познати домашни и странски дизајнери.

Пистата беше уникатна- со поставен мотор Харли Дејвидсон, па гостите можеа синоќа да уживаат во погледот кон манекенките или кон брзиот убавец.

На саемот до недела вечер, ќе изложуваат и педесетина учесници од сите категории потребни за организација на венчавка, а како атракција годинава, се најавуваат и специјални гости – групацијата „ White Angels“ составена од шпански и италијански дизајнери на венчаници и свечени тоалети, кои ќе креираат за Саемот три специјални фустани. Групацијата отвара и ателје во Скопје.

Топ-моделот Марјана Станојковска, која им носи среќа на Лото играчите, по петти пат е невеста на Саемот на венчавки. Згодна, русокоса, маркантна, висока 175 см, со идеални пропорции 90-60-90 е меѓу најангажираните јавни личности.

Голем интерес, како невеста, синоќа предизвика славната манекенка, сега бизнисменка, Цеце Орешкова која на ревијата се појави заедно со ќерката Кара. Носеа исти елегантни фустани.

На славните денови како манекенка се потсети и Викторија Јаначковиќ која од пред две години има стоматолошка ординација. Таа единствена беше во црна екстравагантна тоалета од чипка на сцената и рекламираше накит.

Манекенката и водител Светлана Црнокрак безброј пат била невеста на ревија. Синоќа како младоженец се појави и нејзиниот сопруг, славниот манекен Мики Црнокрак.

-Со Мики сме во брак над дваесет години, ама секогаш се чуствувам убаво кога ќе облечам венчаница. Мислам дека така се чувствува секоја жена, вели Црнокрак.

Денес, во 17 часот, на саемот во „Александар палас“ ревија ќе има Антонија Ристовска со својата најнова колекција за невести.

Фото: Борис Грданоски