(Фото) Кружен тек на крстосницата меѓу „Орце Николов“ и „Ленинова“
На крстосницата меѓу улиците „Орце Николов“ и „Ленинова“ во тек е поставување на кружен тек кој кога ќе биде целосно завршен ќе го регулира сообраќајот на оваа локација, позната меѓу возачите како една од поризичните и место каде што често се случуваа сообраќајки.
Кружниот тек е едно од решенијата предвидено со реконструкцијата на улицата „Орце Николов“.
Поради градежните работи кои што се одвиваат на овој дел од улицата, но и поради нецелосна сообраќајна сигнализација, возењето е прилично хаотично. Тоа особено се однесува на можноста возачите да се вклучат на „Илинденска“, при што треба да возат дури до „Рузвелтова“, или како што прават многумина, да возат до крстосницата кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк и таму да направат сообраќаен прекршок бидејќи треба да се движат во спротивен правец во еднонасочната улица.
Како што е познато, целосната реконструкција на улицата е поделена во шест посебни фази, од кои секоја опфаќа посебен дел од „Орце Николов“. Реконструкцијата го опфаќа целиот потег кој е под надлежност на Општина Центар, од крстосницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до онаа со „Франклин Рузвелт“.
Инаку, жителите на овој дел на „Орце Николов“, пред две недели организираа протест поради сечењето на дрвја за кои Општината тврдеше дека се болни и стари, како и за плановите на градските власти да се исечат и преостанатите 10 дрвја.
Целиот зафат на „Орце Николов“ ќе опфати површина од вкупно 7.182 метри квадратни и ќе чини 64.847.608 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар. (Фото: Независен.мк)