ФОТО Кинескиот ѕид оштетен од работници. Ископаа дупка за да помине багерот


Градежни работници оштетија дел од Кинескиот ѕид во провинцијата Шанкси додека се обидувале да направат покус пат за багерите до локацијата на која требало да градат.

Полицијата наведува дека привела двајца осомничени работници и дека е отворена истрага за инцидентот.

Во близина на познатиот споменик работеле 38-годишен маж и 55-годишна жена и ископале премин, односно ја прошириле постоечката дупка на Кинескиот ѕид за да може да помине багер. Властите велат дека предизвикале неповратна штета на интегритетот на Кинескиот ѕид Минг и безбедноста на културните споменици, пишува Би-би-си.

Најголемата воена градба во светот
Сместен во областа Јују, 32-от Голем ѕид е дел од Кинескиот ѕид на династијата Минг и е заштитен културен споменик. Кинескиот ѕид, кој е под заштита на УНЕСКО од 1987 година, континуирано се градел и обновувал од околу 220 п.н.е. до династијата Минг во 17 век кога станал најголемата воена градба во светот.

Голем дел од она што посетителите го гледаат денес е изградено за време на династијата Минг. Некои делови од ѕидот се оштетени или урнати со текот на годините, особено во оддалечените рурални области. Во 2016 година, Пекинг Тајмс истакна дека повеќе од 30 отсто од Големиот ѕид Минг целосно исчезнал, а само 8 отсто се смета за добро сочуван.