(Галерија) Карерас запеа со Каролина и Калиопи на концертот во Скопје, публиката го врати на три биса
Незаборавна музичка вечер во Скопје приреди синоќа легендарниот шпански тенор Хозе Карерас кој пред македонската публика настапи со посебна емоција и приреди концерт исполнет со врвни вокални изведби, во рамки на прославата за 35 години независност, во организација на „Авалон“ и Владата.

Градскиот плоштад беше огромна сцена под ѕвездено небо, со музичари на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Сашо Татарчевски и оркестрации на Николче Мицевски.

Посебен момент на вечерта беа настапите со македонските музички ѕвезди Каролина Гочева и Калиопи. Заедничките изведби предизвикаа огромен аплауз и беа меѓу највечатливите моменти на концертот кој беше во патриотски, национален тон, и со изборот на песните и со преносот на МТВ каде на моменти се вееше македонското знаме.

Големиот тенор (79) имаше енергија и се врати на сцената дури три пати за бис. Последниот пат беше изненадување – со сите македонски изведувачи Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Дешира Амети-Крлиу, Маја Оџаклиевска, Каролина, Калиопи, Влатко Стефановски и Ана и Игор Дурловски, го испеа рефренот на песната „Едно име имаме“, а диригираше гостинот од Шпанија, Давид Хименез.

Публиката со овации го испрати Карерас, во вечер која ќе остане запаметена како посебен музички настан во Скопје. (Л.С.)














