(Фото) Каква е состојбата пред пунктот во ПС „Пролет“, на последниот ден за документи без закажување


Последен ден за вадење лични документи без закажување (Фото: Б. Грданоски)

Уште денеска граѓаните можат да почекаат пред пунктот кај ПС „Пролет“ за да добијат лични документи со новото име на државата, од утре, како што најави МВР, и за таму ќе се закажува, но само по телефон.

Денеска, повторно имаше редици граѓани кои чекаа на смена на документите. Дел од нив носеа подготвени, пополнети барања, а дел ги пишуваа по клупите и платформите наоколу за да застанат во ред и на некој од шалтерите да може да се фотографираат. 

Вакви редови има последните неколку месеци и без разлика дали  се чекаше во просториите на МТВ или ПС „Беко3“ за земање на документите, или пак на новоотворениот пункт во ПС „Пролет3“ чија цел беше токму тоа, да се намали метежот и граѓаните без закажување да поднесат документи за замена на личната карта, возачка или пасош. 

Но, со доаѓањето на техничката влада пред избори и новоназначениот министер од редовите на опозицијата Панче Тошковски и овој пункт ќе функционира регуларно, со закажување, за да нема повеќе вакви редови. 

Денеска е последен ден со оваа можност, која беше овозможена само за скопјани. Во другите градови низ државата, редиците се далеку помали или воопшто ги нема. Рокот за замена на личните документи е до 12 февруари. 

Како што соопштија од МВР од утре, среда, пунктот за фотографирање за лични документи во ПС „Пролет“ нема да работи без закажување туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.

Ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена.

Во наредните денови закажувањето на термини за фотографирање за лични документи ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет поради технички причини нема да биде можно.

Фото: Б. Грданоски