(Фото галерија) Скопје се гуши во смрдеа и ѓубре

Директорката на ЈП „Комунална хигиена“ ги повика МВР и Јавното обвинителство да интервенираат бидејќи дел до вработените ги попречуваат другите работници да го соберат сметот во градот.


Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ синоќа излегоа на протест со барања за повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа.На протестот се појавила директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева и побарала работниците да го прекинат штрајкот и да се вратат на работа. Таа им вети на вработените дека ќе добијат К 15, но нагласи дека мора да се почитуваат законите. Наедно ги повика МВР и Јавното обвинителство да интервенираат бидејќи дел до вработените ги попречуваат другите работници да го соберат сметот во градот што стои во контејнерите веќе три дена. 

Несобирањето на отпадот во Скопје може да се толкува и како смислено загрозување на здравјето на луѓето, поради што по постапувањето на МВР,  од Обвинителството ги презеле првите чекори издавајќи насоки за проверки и за обезбедување докази, за да се испита што точно се случува. По ова, ќе се одлучи дали ќе има кривичен прогон и против кого ќе биде насочен.

Градот кој и онака беше расфрлан со ѓубре, а сега личи на депонија и низ улиците, во и околу контејнерите, се шири смрдеа. Најавата на директорката е дека разговорите околу протестот и што натаму ќе продолжат дури утре.

На ваквата состојба реагираа и од Либерално-демократската партија.

-Аматеризам и неспособност владее во Скопје, од кој најголема цена плаќаат граѓаните. Либерално-демократската партија е крајно изненадена и затекната од моменталната состојба со ЈП „Комунална Хигиена“ и последните случувања во јавното претпријатие задолжено за одржување на градската чистота. Два дена откако директорката на претпријатието, се закани со отпуштање на неколку стотини вработени, главниот град се гуши во запуштено ѓубре и смет. Расфрланиот отпад околу кантите за отпадоци и контејнерите е ужасна глетка, но и претставува потенцијален извор на разни болести и зарази. Апелираме до менаџментот на  ЈП ,,Комунална Хигиена- Скопје “ и раководството на Град Скопје, час поскоро да ја сфатат сериозно ситуацијата, да најдат начин и да ја изменаџираат состојбата со запуштените контејнери. Правото на здрава и чиста животна средина е основно човеково право и ниту во еден случај не смее да биде предмет на теснопартиски интереси и средство за собирање политички поени. Доколку нема поместување на позициите, со брзи и ефикасни решенија, ЛДП преку своите претставници во локалните совети во Градот Скопје и општините и во рамки на своите надлежности, ќе преземе конкретни чекори за расчистување на отпадот и враќање на состојбата во нормала.Граѓаните се поважни од политичките суети.

Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје пак порача дека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е најнеспособната досега.

-Наместо развој и модернизација, како што  Христијан Мицкоски ветуваше пред граѓаните кога ја бараше поддршката, на главниот град постојано му се случува нов хаос, одново и одново.Овој пат ДПМНЕ создаде хаос со сметот, Скопје се гуши во ѓубре. ДПМНЕ треба итно да преземе нешто, да се надмине проблемот и да се обезбеди функционалност на ЈП Комунална хигиена. Скопјани ваков однос не заслужуваат. Скопје ова не го заслужува. Во меѓувреме, градоначалниците на ДПМНЕ во Скопје да земат нешто да работат и да помогнат во чистењето на ѓубрето, порача таа.

Еве што покажа нашата фото камера околу состојбата во градот: 

Фото: Борис Грданоски