(Фото) ФДУ преполно: Колегите се простија од режисерот Златко Славенски


Актери, режисери и студенти денес го преплавија Факултетот за драмски уметности во Скопје, на комеморацијата за нивниот колега, професор и пријател , режисерот  Златко Славенски, кој ненадејно почина во понеделникот на 53 години.

Со солзи во очите и тага во душата за последен пат се простија од Славенски кој до крајот на овој семестар требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“.

“Златко Славенски беше, е и ќе биде еден од малкуте духовни двигатели во нашето театарско постоење. Еден од ретките што се бавеа со театарот и додека спијат и додека се будни. Еден од оние кои не можеа а да не се бават со еволуцијата на театарот и сиот негов потенцијал, рече денес на комеморацијата актерката Арна Шијак.

“Често пати на час ни велевте ‘живот проѓе како бела лаѓа’. Ни велевте дека една претстава е како спејс шатл, ако се помести макар и еден сантиметар-воопшто нема да се лансира и ќе експлодира…  Не можеме, а да не ви кажеме колку ве сакаме и колку не требаше да ‘полетате’ пред време… Се надеваме дека таму горе, Космосот е како дома…“, рекоа за својот професор студентите од неговите класи театарска режија.

„ Златко Славенски навистина беше човек на светлината, човек со насмевка, човек што знаеше да те сослуша, да те прифати и да ти помогне. Oмилена му беше онаа ‘и да зборувам на сите човечки јазици, ако љубов немам тогаш ништо не сум’, рече актерот Тони Михајловски.

Актерот Ѓорѓи Јолевски за Славенски пак, рече: Златко беше совршен да направи контекст, а она што мене ми остави впечаток во работата со него е дека тој беше бескомпромисен, бесен и оваа, таканаречена реалност, просто не ја прифаќаше.

Славенски е роден во 1966 година во Скопје. На крајот на 1980-тите  студирал филмска режија во Лондон на London International Film School (LIFS), но поради стопирање на државната стипендија во период кога почнал распадот на СФРЈ го прекинал студирањето и се вратил во Македонија. Се запишал на ФДУ на отсекот за интермедијална режија, во класата на професорите Слободан Унковски и Столе Попов и дипломирал во 1994, а една година претходно ги завршил студиите и дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет. Во 1997  се  вработил на ФДУ како помлад асистент, а во 2016 година беше  избран во звање редовен професор.

Златко Славенски е режисер на голем број театарски проекти: „Безљубни“; „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“; „Соларис“; „Супернова“; „Бесови“; „Визија“; „Времеплов“; „И коњите ги убиваат,  зарем не?“; „Побрзи од светлината“; „Спиро Црне“; „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“; „Троил и Кресида“; „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“; „Амадеус“; „Злосторство и казна“; „Пречистување“; „Време за сонување“; „Казабалкан“; „Будење на пролетта“; „Пер Гинт“; „Собрани дела на Вилијам Шекспир“; „Папокот на светот“…

Награден е на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата „Екран“ за најдобра претстава за „Амадеус“, награда на весникот „Нова Македонија“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Будење на пролетта“, награда на „Нова Македонија“ за најдобра претстава на „Охридско лето“ за „Пер Гинт“.

Неговите претстави се изведуваа во театри низ целата држава, а како режисер имал и голем број корпоративни видеа. Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“.

Фото: Борис Грданоски