Експлозија од совршен звук и енергија: Атракцијата „Бонд“ воодушеви во Филхармонија


Фото: Стефан Рајхл

Синоќа во Македонската филхармонија се случи музичко чудо- и за око, и за уво и за врвно расположение- совршен настап на квартетот „Бонд“, нарекуван уште и „Спајс грлс“ на класичната музика“, супербренд во светот на музиката кој е истовремено и најпродаваниот гудачки квартет на сите времиња.

Како уникатна светска гудачка атракција, „Бонд“ имаaт продадено неверојатни 5 милиони албуми низ целиот свет, 56 платински и 15 златни тиражи на своите изданија, како и огромен број на распродадени турнеји низ Европа, Америка, Австралија, Централна Америка и Азија.

Фото: Стефан Рајхл

Не случајно нивните два концерти во Македонија- синоќа во Скопје и денес во Струмица, организаторот „Авалон“ ги најави како најголем музички настан летово кај нас.  Нивниот настап во Филхармонија, полн со енергија со избор од нивните најголеми хитови-нивната музика е инспирирана од класичните, латинските, фолк, џез, рок, елетро, индиските и стиловите од Средниот Исток, но и преработки на класични дела како „Лето“ и „Зима“ на Вивалди и поп-хитовите на Леди Гага, ја кренаа публиката на нозе, а особено  кога ја отсвирија нумерата„ Александар Велики” од нивниот прв албум, инспирирана од македонски мотиви.

Фото: Стефан Рајхл

Шарматните дами од бендот Тања Девјис од Синднеј-Австралија (прва виолина), Еос Кунсел од Кардиф-Велс (втора виолина), Елспет Хансон од Базилдон во Англија (виола) и Геј-Ји (виолончело) која е од Хал од Англија, имаа и совршен стајлинг, синоќа, на сцената и совршена кореографија, но и шармантни поздрави до публиката, која, за жал, не ги исполни сите столчиња во Филхармонија, а се очекуваше.

Фото: Стефан Рајхл

Македонската јавност се уште го памети нивниот настап на Антички на „Охридско лето“ во 2013 година кога атракцијата „Бонд’ свиреше пред 4 илјадна публика, а уште толку слушаа надвор од ѕидините. На тоа издание, членките на „Бонд“ ги прими и градоначалникот Бакрачевски, а добредојде во Македонија им посака и тогашната министерка за култура Елизабета Канческа- Милевска која им подари филигрански пеперутки како сеќавање на Македонија. (Л.С.)