(Фото) Еден загинат, петмина повредени во сообраќајката на патот Куманово – Крива Паланка


Фото: Независен весник

Еден загинат и петмина повредени во сообраќајката на патот Куманово-Крива Паланка
Едно лице почина, а петмина се повредени во тешката сообраќајна несреќа што се случи денеска во 14.15 часот на регионалниот пат Куманово-Крива Паланка кај селото Облавце, потврди полицијата.

Несреќата се случила помеѓу три возила, товарно моторно возило, „Џип Гранд” со бугарски регистарски ознаки, управуван од 27 годишниот Ф.А од Куманово и автомобил „Алфа Ромео”. Во несреќата починал возачот на џипот Ф.А, а пет лица се повредени и однесени во кумановската општа болница, информираше МВР.

„Повредените не се во животна опасност, имаат повреди на екстремитети и посекотини на лицето. Едниот од нив е однесен на опсервација на рентген дијагностика. Сите се задржани во кумановската болница“, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.

На местото на несреќата биле и две амбулантни возила од кумановската Итна помош, како и три противпожарни возила од противпожарните единици на Куманово и Старо Нагоричане.

И по пет часа по несреќата, од местото се издигаше чад. Како што се гледа и на фотографијата, на терен се уште беа возила на противпожарните екипи, но до 19 часот, патот веќе беше прооден и немаше колони.

Една патничка, која била во близина на запаленото возило, на социјаланите мрежи коментира, дека во првите моменти, ретко кој бил присебен да помогне, но притрчале многумина.