(ФОТО) Анкета: СДСМ со предност пред ВМРО-ДПМНЕ

За коалицијата на СДСМ би гласале 24,4 проценти, а за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 21,1 процент, покажува теренското истражување спроведено од Тим институт на репрезентативен примерок од 1.024 испитаника. Според резултатите од истражувањето, за ДУИ би гласале 5,6 отсто, а за „Алтернатива“ на Африм Гаши два отсто од испитаниците.

На прашањето „Која партија ќе победи на следните избори“, 26,6 отсто од испитаниците одговориле дека тоа ќе биде СДСМ и коалицијата, 23,9 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 5,1 отсто сметаат дека ќе победи ДУИ, а 1,5 отсто се изјасниле за „Алтернатива“ на Гаши.

Од вкупниот број испитаници, 50,4 отсто се изјасниле дека сигурно ќе излезат на гласање, 23,1 отсто одговориле дека веројатно ќе излезат, 6,1 отсто „веројатно не“, а со „сигурно не“ одговориле 8,5 отсто. Не знаат дали ќе излезат на гласање 7,9 отсто.

Прашани како ја оценуваат работата на Владата, 45,2 отсто се изјасниле позитивно. Од нив, 16,9 отсто дале одговор „целосно заслужува повторно да биде избрана“, а 28,3 отсто одговориле „делумно заслужува повторно да биде избрана“. Вкупно 43, 8 отсто од испитаниците се со негативно мислење, односно 31,2 отсто сметаат дека Владата целосно не заслужува повторно да биде избрана, а 12,6 одговориле дека делумно не заслужува повторно да биде избрана.

Оценувајќи ја вкупната работа на опозицијата и дали таа заслужува да биде избрана на местото на сегашната власт, 56,8 проценти сметаат дека таа не заслужува да биде избрана, а 29,1 процент се изјасниле позитивно.

Над 75 проценти го поддржуваат членството во НАТО, а 19 проценти се против, додека членството во ЕУ го поддржуваат 82, 2 проценти, а против се 14,7 проценти.

Преспанскиот договор го поддржуваат 57,6 проценти од кои 32,7 целосно го поддржуваат, а на 24,9 не им се допаѓа, но сметаат дека е неопходен. Само 32,1 процент целосно се спротиставуваат на Преспанскиот договор.

Според испитаниците, најголем проблем со кој во моментот се соочува државата е економијата, по што следуваат криминалот и корупцијата и владеењето на правото.

Истражувањето за ставовите и перцепцијата на граѓаните за социополитичката состојба во државата, е направено на барање на СДСМ во периодот од 10 до 20 јули годинава.