Форум во Скопје: Културната дипломатија е пат кон мирот
По катастрофалниот земјотрес, Скопје беше пример за меѓународната соработка и солидарност. Скопје е град кој што е реизграден врз основа на солидарноста. Неопходни ни се граѓани кои се посветени на мирот. Мирот треба да се гради почнувајќи од секој поединец па до целото општество, беше посочено денеска на Форумот за културна дипломатија во Скопје.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов на Форумот посочи дека Форумот се одржува во година кога одбележуваме 60 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.
„На овој Форум се укажува на моќта и значењето на културната дипломатија, односно меката моќ, неопходната меѓународна соработка и неопходноста од мирот во светот. Со ова допира заветот до младите генерации дека на светот денес му се потребни лидери посветени на мирот, како што беше Џон Кенеди. Неопходни ни се граѓани на светот кои се посветени на мирот и грижа за бедните, каква што беше Мајка Тереза. Мирот не треба да се бара во гласната тишина на гробиштата, каде денес е најмирно, туку во нашите срца и нашите души“, рече Иванов.
Директорот на Институтот за културна дипломатија, Марк Донфрид, информирајќи за потеклото на културната дипломатија која датира од крајот на XIX. век, објаснуваше за идејата која стои зад самиот поим и генерално се базира на „мека моќ“, но рече дека таа константно еволуира.
Александар Трајановски од Град Скопје на Форумот потенцираше дека Град Скопје е град кој што е реизграден врз основа на солидарноста.
„Токму поради таа емпатијата и културолошка соработка овој град повторно беше изграден, односно кренат од пепелта во која што беше најден“, рече Трајановски.
Тој исто така сподели информација дека земјотресот во Скопје е првата светска катастрофа којашто е емитувана на малите екрани и дека преку тие мали екрани Скопје ја добива целата симпатија, емоција и сочувство од сите градови во целиот свет и затоа за толку брзо време целиот светски форум се обединува и почнува да работи за обновување на Скопје и праќаат својата помош.