Формирано Здружението за промоција на македонската култура во Полска


Здружението за промоција на македонската култура во Полска беше формирано во Волскиот центар за култура во Варшава, информираат од ова здружение. Целта на нивното постоење е продлабочување на соработката меѓу македонската и полската култура.

„Здружението за промоција на македонска култура во Полска е непрофитна невладина организација, чија примарна мисија е да ги обедини Македонците кои живеат во Полска, да гради пријателски полско-македонски односи, да ја промовира македонската култура, уметност, јазик и да ги доближи до сите оние кои сакаат да ја запознаат Македонија“, велат од Здружението.

На настанот биле презентирани краткорочните и долгорочните цели како и структурата на самото здружение од страна на претседателот на здружението Горан Шутиновски. Со поздравен говор пред присутните се обратил и в.д. амбасадорот на Македонија во Полска, Илија Псалтиров. Програмата продолжила со проекција на два краткометражни филмови, „Долу од рајот“ во режија на Саша Станишиќ и „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леонид Ристов.

Со музичка точка настапил „Ансамблот за песни и танци при Економскиот универзитет во Варшава“, со изведба во живо на неколку полски народни песни, а посебно за оваа пригода, и на големо воодушевување на присутните, Ансабмлот ја извел македонската песна „Македонско девојче“, испеана на македонски јазик, напишана и компонирана од македонската музичка легенда Јонче Христовски.

Во изложбениот простор на културниот центар имало и поставка на авторски урбани фотографии од Скопје и Варшава на Даниел Анастасов, пот-претседател на Здружението, како и изложени македонски орнаменти од приватните колекции на некои од членовите на здружението. Изложено било и достапно на продажба двотомното издание „Македонија 1 и 2“ според Јозеф Обрембски“ во редакција на Ана Ангелкин, Јоана Рексас и Илија Упалевски од Институтот за етнологија во Варшава.

Здружението во иднина ќе се залага за промоција и поддршка на македонската култура, јазик, образование, наука, историја, уметност, традиции, музика и обичаи; за градење пријателски полско-македонски односи и негување контакти и соработка во услови на мултикултурно и разновидно општество; обезбедување информативна помош и поддршка на Македонците во Полска и соработка и реализација на заеднички проекти со Македонци и Полјаци во Полска и во странство, како и поддржувачи и пријатели на широко ценетата македонска култура.”