Формирано здружение за обнова на „Глобал“ во Струмица


За санација и обнова на Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица е формирано Здружение „Обнова Глобал“ кое ќе се обрати до сите општински и државни институции и до стопанските комори за да донираат средства на отворената солидарна сметка, информираше денеска Илија Митревски од ова Здружение.

Додаде дека собраните средства на најтранспарентен начин ќе се распределат за обнова на трговскиот центар, но и на сопствениците на продавници и тезги според проценката на штетата на стоката.

-Откако ќе ги распределиме донациите, јавно ќе објавиме кога, како и каде ќе бидат потрошени, изјави Митревски.

Според него, од Втората светска војна Струмица не памети толку голема катастрофа. Пожарот уништил стотина тезги и продавници, а штетите се мерат во милиони евра.

Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 овој месец, опожарен е голем дел од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а урнат е и дел од покривот.