Формирана експертска група за изработка на извештај за пристапот на НАТО кон јужното соседство


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг именува група од независни експерти со задача да дадат своја поддршка во изработката на планот за пристап на Алијансата кон неговото јужно соседство, односно Блискиот Исток, Северна Африка и регионот на Сахел.  

Како што соопшти НАТО, за претседателка на експертската група е назначена португалската професорка Ана Сантош Пинто. 

Во соопштението се нагласува дека на Самитот на Алијансата во Вилнус во јули годинава, сојузниците разговараа за односот на НАТО кон неговото јужно соседство и за таа цел се работи на конкретни предлози што ќе бидат разгледувани на следната средба на шефовите на држави или влади на Пактот, што треба да се одржи во Вашингтон во јули 2024 година. 

– Групата ќе изработи извештај за поддршка на овој процес, кој ќе биде доставен до генералниот секретар пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО следниот април. Извештајот треба да им помогне на сојузниците да направат преглед на развојот на настаните во поширокото јужно соседство на НАТО и да идентификуваат конкретни препораки за обликување на идниот пристап на Алијансата, вклучително и со наведување на можностите за понатамошен ангажман и соработка со партнерските земји, меѓународните организации и другите релевантни актери, се додава во соопштението. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, покрај Сантош Пинто за членови на експертската група се именувани и амбасадорот во пензија Херман Николај од Германија, Танос Докос од Грција, Катја Линдскоу Јакобсен од Данска, бригадниот генерал Алесио Нарди од Италија, Александра Буковска-Меккејб од Полска, амбасадорот Ричард Норланд од САД, амбасадорот Рефик Али Онанер од Турција, Ели Тененбом од Франција и Карлос Карнеро Гонзалес од Шпанија.