Формирана Балканска винска мрежа


Со потпишување меморандум за соработка,  во Скопје официјално е формирана Балканска винска мрежа. Иницијатор на новата регионална мрежа за соработка е здружението „Вина од Македонија“ заедно со организациите: Центар за винска култура „Wine Q“ од Србија, здружението „Салон Жилавке“ од Босна и Херцеговина и Винската академија на Црна Гора, како партнери на проектот, како и други вински здруженија од земјите на Западен Балкан. Тие го реализираат проектот „Виното како мост за поврзување на земјите од Западен Балкан“. Новата мрежа за регионална соработка ќе дејствува во доменот на поврзување и заедничка промоција на виното од балканските земји.

„Тргнувајќи од премисата дека заедно сме посилни, ја формираме оваа мрежа која треба да помогне во одредување на стратешките правци за идниот одржлив развој на винската индустрија, лозарството и винскиот туризам во целиот регион. Таа треба да нуди ефикасни решенија за надминување на законските и регулаторните бариери кои се појавуваат при пласманот на виното од нашиот регион, но и за надминување на проблемите околу заминувањето на младите луѓе и намалување на невработеноста во нашите држави“, вели Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на асоцијацијата „Вина од Македонија“.

„Една од главните задачи и мисија на Балканската винска мрежа е да ги промовира локалните автохтони вински сорти, како и вината што се произведуваат во  регионот, со што ќе придонесеме Балканот како вински регион да го добие вистинското место меѓу другите познати светски вински региони“, потенцираше Ненад Поповиќ, директор на Регионалната агенција за развој на Шумадија и Поморавје од Србија.

„Сите што го потпишавме меморандумот за соработка, веруваме во поставените цели и дефинираните активности и се радуваме на понатамошната меѓусебна соработка и соработка со другите земји од Балканот, кои се веќе членки во Европската Унија”, изјави Даниела Радеч, директор на Винската академија од Црна Гора.

„Со заеднички сили може да постигнеме многу за промоцијата на регионот. Ќе ја развиваме оваа идеја во периодот што следува, дојдовме до заеднички заклучок дека вината од Балканот се интересни за светската јавност, па така заедничкиот настап како регионална винска дестинација има многу подобра перспектива отколку секој поединечно“, потенцира Владимир Стоиќ, претседателот на Центарот за винска култура „Wine Q“ од Србија.