Формиран Белгиско-македонски бизнис клуб


Поврзувањето на македонските и белгиските компании и јакнењето на бизнис врските меѓу двете земји отсега ќе ги олеснува Белгиско-македонскиот бизнис клуб, кој е во процес на регистрација во државата. Иако штотуку е промовиран, клубот веќе најавува три атрактивни настани во кои ќе бидат вклучени компании од двете држави, но и германски, холандски и од други држави од Европа. 

Според Хилде Де Саделер, белгиска бизнисменка која го предводи клубот, бизнис климата во Македонија последните години е подобрена и нашата држава стана повидлива за инвестирање и за економска соработка. 

„Ако направите споредба, на пример, со Кина, таму има ефтина работна сила, но испораките траат долго бидејќи е далечна дестинација  и, кога ќе дојдат производите, не знаете во каква состојба ќе бидат по толку долготрајна испорака. Овде цените за транспорт се ниски и пристапот е многу полесен, особено кога станува збор за трговија со производи од метал, пластика и органска храна“, вели Де Саделер, која веќе неколку години живее и работи во двете држави – во  Белгија и во Македонија. Според неа можностите за соработка во овие области се големи, а голем потенцијал гледа и  за фармерството бидејќи има многу неискористена земја. 

„Нашата намера е преку бизнис клубот да го олесниме доаѓањето на белгиските компании и да им помогнеме полесно да се поврзат со македонските“, вели таа најавувајќи и други активности кои практично значат пренесување на белгиската технологија, знаење, иновација и искуства во нашата држава преку настани и саеми.

 Веќе на 19 октомври ќе се одржи настан  во Скопје на кој  компании од Белгија и една од Израел ќе презентираат актуелни дигитални решенија за безбедносна заштита и против  хакирања, односно ќе ги покажат програмите што ги користат  и како тие практично функционираат , а пред се употребата на дланките како безбедносен клуч со кој влегуваат во фабриките и компаниите – место да се користат беџови и картички што лесно се губат. На 27 септември пак  се планира настан наречен „Женска размена на моќ“ односно обука за жени бизнисменки како да ги зајакнат своите претприемачки потенцијали што ќе ја спроведе германска експертка. 

Најголемиот настан ќе биде „Балканскиот саем на снабдувачи“ (Supplier Balkan Expo) што ќе се организира, по вторпат, на 25 и 26 октомври во Скопје од страна на АХК (Асоцијација на германските индустриски и стопански комори ) и Белгиско-македонскиот бизнис клуб и на кој ќе учествуваат белгиски, германски, холандски, македонски, регионални и други компании од Европа во областа на текстилот, металната индустрија, производството на храна  и на пластични производи и на кој  ќе можат меѓусебно да се поврзат. (Н.В.)